По повод Денот на Хрватскиот парламент, во Битола гостуваше Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска, со две претстави, едната од нив “Трагедија од судбине“. Настанот се одржа во битолската Магаза, во организација на Хрватскиот културен центар и Македонско Хрватското друштво Марко Марулиќ Битола, во соработка со битолскиот Завод и музеј.
-На оваа манифестација го одбележуваме 8- ми октомври, денот кога хрватскиот Парламент донесе едногласна одлука за раскинување на сите врски со бившата СФРЈ. Културата е место и поле каде паѓаат сите бариери, каде луѓето се зближуваат–истакна претседателот на Хрватскиот културен центар, д-р Бранко Маретиќ и додаде:Доста беше тешко во време на пандемија да се организира оваа манифестација, но гостите успешно допатуваа, немаа никакви проблеми. Манифестацијата ја организиравме со сите мерки за заштита. Значајно е кога изворна хрватска група или театар, гостуваат овде за на свој начин да ја презентираат хрватската култура, на својот јазик, дијалект и автентичност. Во насока за презентирање на македонската култура, организираме гостувања на македонски групи, театар и сл. во Хрватска.
На манифестацијата беа присутни претставници од дипломатските претставништва од земјата, претставници од општината, градоначалници од други македонски општини, како и претставници на заедницата на Хрвати од Скопје.-Благодарност до г-динот Маретиќ за поканата за манифестацијата, го честитам Денот на хрватскиот Парламент на сите Хрвати. Задоволство ми е да дојдам во Битола и морам да истакнам дека како претседател на заедницата, главна цел ми е единството на Хрватите во Македонија , малку сме, многу работиме и таа соработка и заедништво треба уште повеќе да ги зачуваме –истакна претседателката на заедницата Невенка Костовска.
Актерите ја прошетаа публиката низ светската и хрватската литература со две претстави, во првиот дел ја запознаа публиката и со славонскиот дијалект, а во втората се зборуваше за последните денови од животот на Моцарт. Претставите беа во режија на Силвио Стилиновиќ. Сатиричниот младински театар постои од 2006 година,добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа.-Од 2006 до денес мислам дека одигравме 18-19 премиери и над 100 -тина изведби. Познати сме дека многу патуваме, да ја презентираме нашата култура. Што се однесува до наградите пред се оние за режија, актери и сл. имаме 16 награди, на домашни и меѓународни фестивали. Неколку пати сме победници на државниот фестивал во Хрватска- Фестивал на театарски аматери, победници сме и на фестивалот во Србија, кој ние го нарекуваме фестивал над сите фестивали, имено најдобрите претстави од бившите југословенски држави доаѓаат на тој фестивал-истакна Стилиновиќ, кој војска служел во Битола.
-По трет пат сум во Битола, обожавам да доаѓам тука да се дружам со сите луѓе тука, еве и на ова гостување имавме можност да се дружиме и со тренерот на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, Бабиќ. Македонски разбирам бидејќи војска служев во Скопје, дури размислував во тој период и да студирам таму. Овојпат ја посетивме чаршијата, Широк Сокак, купивме македонска храна.Одбележувањето на Денот на хрватскиот парламент продолжи во ресторанот на Премиер центар. Овој значаен датум од хрватската историја, традиционално Хрватскиот културен центар го одбележува веќе 25 години.
Неда Маретиќ