„Здружението за развој на ромската заедница-СУМНАЛ“ од Битола е дел од стратешкото партнерство „РомАБВ оди напред – Понатамошен развој на иновативни инструменти за борба против функционалната неписменост кај Ромите и други ранливи групи во Европа“ кое е финансирано од Еразмус + програмата. Проектот започна од 1-ви септември, 2020 година и ќе трае 24 месеци, а во март дел ќе се одржи во Битола.
Почетниот состанок се одржа во Кишкунхалас (Унгарија) од 24 до 28 октомври, 2020 година. За време на состанокот, партнерските организации беа запознаени со организациските прашања и историјата на проектот, вклучувајќи и предавање за интелектуалните резултати од претходните проекти на новите партнери. Учесниците имаа можност да ги изразат своите очекувања во врска со проектот, а потоа се дискутираше за понатамошното развивање на наставната програма и прирачникот со акцент на делови за здравствено и граѓанско образование.
Како дел од активностите се формира Локална група за основно образование (Local Networks Basic Education) со претставници од различни институции, училишта, невладини организации и претставници од ромската заедница.
Во текот на ноември се одржа и состанок со претставник од општината со цел да се споделат информации во врска со проектот.
Исто така, во текот на месец декември, 2020 година се спроведе анкета со ромското население во Битола. Целта на анкетата е да се испита мислењето на ромското население во однос на тоа кои образовни содржини за стекнување на основни знаења од областа на здравјето и човековите права им се најинтересни и најпривлечни.
Резултатите од анкетата ќе бидат искористени за да се надогради веќе постоечката наставна програма за описменување на возрасни Роми. Исто така според резултатите ќе се надогради и прирачникот за обучувачите кои ќе ги спроведуваат курсевите за описменување.
Следниот партнерски состанок е планирано да се одржи во Битола од 24 до 28 март, 2021 година. Координатор на проектот е организацијата Kontakte für Europa e.V. од Германија.






