Без вода нема живот. Водата е една од причините и претпоставките што населбите своевремено биле создавани онаму каде што има вода, извори, реки, езера… Спознавајќи ја незаменливата улога на водата, човекот неа ја чувал, ја штител и во нејзина “чест“ градел чешми на местата каде имало извори на чиста вода за пиење. Планинскиот масив Баба со Пелистер е простор богат со бројни извори, потоци, реки и природни езера, но и со многу чешми изградени од поединци и групи, од луѓе кои оставиле завет за сегашните и идните генерации.
Ако се упатиме од Битола кон Пелистер преку селата Трново и Магарево, уште од старт ќе наидеме на повеќе селски чешми изградени пред повеќе десетици години, а некои таму се и со векови. Така, најпрво во Трново, во дворот на селската црква “Св. Богородица“ ќе наидеме на првата чешма со силна штедрост во текот на целата година. Следувата чешмите Мора, десно во селскиот дол, и Шаркоец лево кај селското училиште. Уште поналево кај селскиот фудбалски терен се наоѓа една од наквалитетните води, чешмата кај Бункерот, кој е остаток од воените дејства од Првата светска војна. Оваа чешма е една од најчистите и од неа полнат вода за пиење голем број трновчани, но и жители на Битола, кои специјално доаѓаат и честопати чекаат ред да налеат вода.
Селските чешми своевремено биле мегдан, средиште на меѓусебни комуникации и средби на селските моми и ерегени, места каде се дознавало нешто ново нешто интересно. Не без причина и големиот број чешми во Трново-Магарево. Ќе споменеме уште неколку чешми. Чешмата Сидер на угорнината кон Двата јавора – Марле, чешмата со три шепури на кривината на мостот на Магарска Река, чешмата кај Кооперацијата, чешмата Гунели, две чешми во црквите во Магарево во “Св. Ѓоргија“ и “Св. Димитрија“, чешмата Шупур, потоа Бела Чешма кај рампата за влез во Националниот парк и други. Доколку се продолжи по реката Магарска нагоре патот ќе не одведе до чешмата на Ѓуц, магаревчанец кој ја изгради оваа чешма пред 15 години. Доколку одиме уште понагоре и свртиме налево кон Бункерите ќе стигнеме до чешмата посветена на Полковникот Илиев, воин од Првата светска војна загинат на овие простори. Неколку стотици метра пред таа чешма, доколку свртиме надесно патот води до Бор Чешма, исто така дел од настаните од пред еден век кога на Пелистер имало десетици илјади војници од различни војски.
Уште понагоре, кон месноста Јоргов Камен ќе стасаме до уште две чешми. Едната десно од карпата, која е сеја доста руинирана и обрастена и чешмата под Јоргов Камен, изградена во 1950 година од страна на првиот состав на Националниот парк “Пелистер“ кога како прв човек беше легендата на битолското и македонското планинарство почитуваниот Борис Алтипармак. Во негово време и на негова иницијатива беа изградени уште десетина камени чешми на Пелистер кои им одолеваат на времето и ден денес и се во употреба. Таков е примерот со чешмата лоцирана на Црвени Стени, каде патем да истакнеме има и спомен плоча на големиот Борис Алтипармак, подигната од неговите следбеници почитувачи на неговото животно дело, кое беше поврзано со заштитата на природата и на Пелистер.
Од другата страна на планината, после рампата за влез во Паркот, од левата страна има една атрактивна чешма вградена во моликово стебло, но за жал таа вода не е за конзумација, бидејќи е биохемиски неисправна. За жал, неисправни се водите од чешмите на Голема Ливада, и под Мала Ливада. Уште една чешма е изградена и во кругот на Детското одморалиште, но и таа има неисправна вода, а нагоре следат чешмите во кругот на Вилата 12 Кладенци и Бегова Чешма која подолго време е напуштета и руинуирана, а кај Ластојчин Камен има уште една чешма Камен Чешма. На земјениот пат кој води кон Палисмопје чешмите се лоцирани на левата страна, над патот. Првата чешма со два шепури е на неколку стотини местри од отклонот од асфалтниот пат.
Следи чешмата во форма пирамида која е продолжение на камената река над неа. Оваа чешма е изградена пред 20 години и освен за разладување со чиста вода во лето, може да послужи и како своедвиден заклон во зима и во невреме. Нагоре по патот следува чешмата кај настрешницата кај Влашка Ливада, каде во близина се наоѓа и чешмата посветена на Полковниот Неделков исто така воин од Првата светска војна. За многумина многу позната и често посетувана е чешмата на Палиснопје изградена во 1961 година, во близина каде што се наоѓа спомен обележјето од Илинденската епопеја каде загинале 64 македонски комити што се бореле против турската војска.
Уште една чешма на оваа страна на планината, изградена од гранитни блокови во 1950 година е лоцирана на старата патека за Широка, а тоа е чешмата која ја нарекувам Чешма на бивши држави. Тоа е чешмата на која од двете страни има иницијали со боја испишани СФРЈ и СССР (на Југославија и на Советскиот Сојуз), две држави кои веќе не постојат. Не постои, поточно е руинирана и распадната со гподини, монументалната чешма со гранитни блокови на ливадата пред Мало Езеро изградена во 1950 година. Веруваме дека надлежните оваа чешма конечно ќе ја санираат. Обид за изградба на нова чешма имаше пред десетина години, од страна на страствен планинар на брегот на Мало Езеро, но слабиот градежен материјал е причина што таа чешма е во распаѓање. Убава и стабилна чешма постои и под Големо Езеро, а одејќи надолу под Дебел Рид, постои уште три чешми, една посветена на планинарот Димитар Мурато и две чешми изградени во последниве десетина години во подножјето на Дебел Рид од страна на одгледувачите на добиток од село Нижеполе. Таква чешма е изградена и по течението на реката Сапунџица, наречена Дурмиш, според името на сспственикот на стадата кои паселе таму.
Уште една чешма изградена од еден наш познат, сега покоен планинар, Ицо Попов е изградена на мошне атрактивен терен, а тоа е во подножјето на врвовите кај изворите на Ротинска Река, односно кај познатата локација Болниците. Секако, ќе ја споменеме и чешмата кај месноста Два Гроба, кај изворите на Реката Шемница, и надолу неколкуте селски чешми во Маловиште и чешмата во манастирот “Св. Ана“ и црквата “Св. Петка“.
Во овој приказ на чешмите на Пелистер направивме еден обид да ги споменеме познатите и почесто посетуваните чешми на планинскиот масив Баба, што не значи дека целосно се опфатени сите чешми. Секако, изградбата на чешми и слични објекти е динамнична работа, што не значи дека во нареден период одреден извор на здрава и чиста вода за пиење нема да добие своја физиономија или градежно и естетско заокружување со убава камена или дрвена чешма.
Во наредна прилика: Верски објекти на баба планина…






