Press "Enter" to skip to content

Битола го доби првиот меѓународен џез фестивал фестивал “Jazz Factory Fest- Bitola 2018“

Минатата недела од 18-20 Мај, во нашиот град се оддржа меѓународниот џез фестивал “Jazz Factory Fest- Bitola 2018“. Ова е остварување на долгогодишниот сон и желба на многумина битолчани, а особено на џез музичарот и професор на Џез академијата во Штип, проф. м-р Сашо Поповски.

Поповски е познат на македонската јавност како лидер на “Сашо Поповски трио“ веќе неколку години го движи самостојниот проект “Jazz Factory“, обидувајќи се на тој начин да ја доближи џез музиката и култура на младите и сите оние кои се љубители на истата. Министерството за култура на РМ го поддржа предлог проектот преку конкурсот за национални проекти за 2018 г. објавен минатата година.

Иако со скромна поддршка сепак организаторите, културното здружение “Центар за културна деконтаминација од Битола“, останаа доследни на идејата за оддржување на еден ваков фестивал. Кон поддршката на фестивалот со скромна сума се приклучи и Општина Битола.

Првично со замисла, главната програма да се реализира на платото пред Офицерски Дом , како дел од кампањата на фестивалот “Џез(о)т, во поддршка на културното наследство“, приклучувајќи се на тој чин кон “Европската година на културното наследство“, поради временските неприлики, комплетната програма беше реализирана во партнерските клубови : “Јагода“, “Камарите“, “Порта џез“, “Винарија Чифлик“ без кои реализацијата на фестивалот би била невозможна. Сепак кампањата беше реализирана преку фото сесија на гостувачките џез музичари пред Офицерски Дом, доловена преку објективот на Даниел Ѓурчиновски. Фотографиите ќе бидат употребени како промо материјали во кампањата за поддршка на активностите за обнова на Офицерски Дом и негово ставање во функција на културата.

Поповски во улога на директор на фестивалот понуди автентична и динамична програма која одлично помина кај битолчани.Токму ваквата програма го легитимира овој фестивал за амбициозен и сериозен потфат. На фестивалот во главната програма настапија Душан Јевтовиќ-Трио, Сашо Поповски-Трио, Тони Китановски-квинтет, додека во off програмата настапија: Fierce, Shikachki Ensemble, In between…

Задоволната публика е всушност најдобрата референца за еден фестивал. Во рамките на фестивалот беше оддржана и работилница за вмрежување и размена на џез артисти со директорите на реномираните џез фестивали “Петровац џез фест“- Винко Михајловиќ и “Кикинда џез фестивал“ –Драган Влајниќ, кои беа гости на фестивалот.

Во рамките на програмата, во џез клубот “Порта џез “, мастер клас оддржа и познатиот македонски џез музичар м-р Тони Китановски кој воедно и го затвори фестивалот со инзворедната промоција на неговиот нов студиски материјал, настапувајќи со џез квинтетот “Тони Китановски и Панда 5“.

Иако првенче, „Jazz Factory Fest – Bitola 2018“, ги отвори вратите за нова енергија и идеи. Веќе се вртат нови имиња, а потпишан е и меморандум за вмрежување и размена на артисти со џез фестивалите во Петровац, Црна Гора и Кикинда, Србија.

More from КултураMore posts in Култура »