Подготвил: Драган Ристевски

Бројни се топонимите на Пелистер и на масивот Баба Планина кои имаат “воен“ предзнак. Така, честопати ќе се запрашаме од каде тој и тој пат е наречен француски, таа чешма е бугарска или тие болници се германски. Причината е една и едноставна. Тие објекти биле подигнати или градени за потребите на воените дејствија и стратегии на армиите кои биле распоредени на обете страни на Македонскиот фронт во текот на тригодишната војна на нашиве простори од пред еден век, од 1915 до 1918 година , во текот на Првата светска војна.
Фронтовата линија на Македонскиот фронт која се протегала од Валона, Албанија на Јадранското Море до Орфанскиот Залив, Солунско, на Егејското Море, минувала и ја „пресекувала“ територијата на етничка Македонија. Фактот што од двете завојувани страни на Фронтот, и од Силите на оската и од Антантата имало по над 600 илјади војници или вкупно над 1,2 милиони војници, говори за големината и обемноста на тригодишното војување.
И заради тоа, Првата светска војна оставила големи и тешки последици врз животот на македонските граѓани, кои се мерат со илјадници жртви и раселени лица, разурнати домови и оштетена инфраструктура. Тие последици мошне негативно ќе се одразат во наредните години и децении врз македонскиот народ и сите жители на Македонија. Битола и околните планини, пред се Баба Планина со Пелистер биле локациите каде се воделе беспоштедни борби, со многу бомбардирања, разурнувања и жртви. Фронтовата линија која минувала низ Снеговската Планина, се спуштала кон Братиндол и Трново и Магарево. Нагоре кон планината се „качувала“ кон Црвени Стени и врвот Пелистер, потоа проаѓала кај Мало и Големо Езеро, Орлови Бари и Муса и продолжувала по сртот на Баба Планина кон Бојаџиев Врв и територијата на сегашна Грција.

Така, денес и при посетата на првото село кон Пелистер, Трново, како нем сведок на воените настани од пред еден век, на левата страна од патот, ќе ве пречека громаден бетонски бункер изграден од бугарските војници, за кои, нивните воено-политички мецени и воени сојузници, Германците, не штеделе во давањето помош и секаков вид воено-технички материјал за изградба на такви воени објекти. Како потврда за тоа се и повеќето бункери кои се наоѓаат по сртот на планината, на пат кон Јоргов Камен, кон Црвени Стени и се така, до врвот Пелистер. Бетонските армирани бункери, кои најчесто ги градело мобилизирано локално население, од блиските потпелистерски села и од Битола, претставуваат своевидни паметници на воените судири од Првата светска војна. Мобилизираното население, пред се млади работоспособни мажи, биле присилно ангажирани и на изградбата на патна инфраструктура, на подредување на гранитни плочи и громади кои и денденес постојат на целата територија на Пелистер и Баба Планина и така, сведочат за настаните од пред еден век.
Планинските камени патеки и патишта по кои се извлекувале топови и тешка артилерија со помош на воловски и коњски запреги како и од човечка сила од месното население, и денес немеат, и на тој начин, кажуваат многу за маките кои ги извиделе нашите предци во оваа тригодишна војна:
Кога војници тргнавме за таа пуста планина
оставивме мајки, татковци, жени со машки дечиња
леле, војната, мамо војната, војната тригодишната…
…Војната е силна, ужасна, може таму јас да загинам
леле војувам, мамо војувам, војувам не ќе се вратам.

Останаа запаметени во стих и во мелодија стравотиите што покрај што гинеа војниците на туѓите армии, гинеа и илјадниците наши мобилизирани македонски граѓани, за туѓи интереси и туѓи стратегии. Еден век по тие воени страдања, како и по седумдесет години од создавањето на македонска држава во југословенската федерација (Социјалистичка Федеративна Република Југославија) и триесеттина години како самостојна и независна македонска држава, Република Македонија, не смогнавме сили да им оддадеме достојна почит на македонските жртви.
Не им оддаваме достојна почит на тие што против своја воља беа присилно мобилизирани за туѓи интереси на различни и спротивставени страни и преку нишанот на оружјето се гледаа како „непријатели“, брат со брат, татко со син. Букети и венци цвеќиња речиси традиционално, секоја година наши делегации заедно со претставници на странските матични армии, положуваат и се поклонуваат на паметниците и гробниците каде се погребани останките на илјадниците војници што војувале во Првата светска војна и пред тоа, во Првата и Втората балканска војна (1912 – 1913). За жал, достојна почит, поклонение и букет цвеќе не е поставен на наш македонски паметник за тоа виорно време, во кое од последиците на огненото оружје, од боеви отрови, од глад и од болести, загинаа илјадници Македонци.
Прецизен број на загинатите Македонци и не се знае, бидејќи тие се водат како припадници на туѓи армии, на туѓи народи, на туѓи интереси. Веруваме дека нема да биде далеку денот кога Република Македонија ќе изгради достоинствен паметник за вечна слава и благодарност на знајните и незнајните македонски жртви од Првата светска војна и од Балканските војни. Зашто таков споменик не би се изградил на Баба Планина, На Пелистер, каде се воделе стравични битки, а Битола, која била редовно и беспоштедно бомбардирана, била наречена и “втор Верден’, според францускиот град кој исто така претрпел стравотни бомбардирања во Западниот европски фронт во истото време. А фактот што од неколку стотици камени куќи на Трново и Магарево , во текот на тригодишните воени операции и бомбардирања, на Баба со Пелистер, останале само уште пет неразурнати куќи, зборува доволно какви воени стравотии се случувале тука околу нас.

Своевидни паметници кои се сведоштва за тие воени настани на Баба Планина се и чешмите подигнати за загинати офицери или чешми изградени од одредени воени формации. Така, на Пелистер се познати чешмата за Полковник Илиев, потоа Полковник Неделков и други чешми. Под Пелистерските врвови, во реонот каде се изградени бројни камени скривници и бункери постои издлабена во карпите и улицата „Македонија“ наречена така од војниците кои таму оставиле дел од својата младост и од оние кои таму го оставиле својот млад живот.
Во потпелистерското село Цапари во кругот на црквата „Свети Ѓорѓи“ постои и гробница со паднати бугарски воини, а горе преку Козји Камен постои и месноста Два Гроба, свртена кон Преспа, каде според извесни кажувања, погребани се двајца браќа кои загинале на пелистерските височини. На тоа место, на двата гроба, денес се изникнати две дрва кои го оживуваат споменот на загинатите браќа.

Специфичен „споменик“ од тоа воено време се и Болниците (некои ги именуваат како германски, други како бугарски) а кои се наоѓаат под врвровите на Пелистер, односно на изворите на Ротинска Река. Таму, во заветрина, спроти сонце и крај изворска вода, импровизираните болнички објекти изградени од гранитни плочи, придонесувале за закрепнување на болните и на ранетите војници. Малку им може забот на времето на тие паметници и така, гранитот успешно им се спротивставува на снеговите и временските непогоди. Натаму пак, кон езерата и барите се протега таканаречениот Француски Пат, кој служел пред се за транспорт на топови и тешка артилерија. Тој пат продолжува кон врвот Муса и кон Бојаџиев Врв исто така именуван според офицерот Бојаџиев од Првата војна.
И што да се каже после се. Ако Првата светска војна остави мошне тешки последици, жртви, сиромаштија и разурнувања, таа сепак остави и нешто што еден век потоа го користиме и од аспект на планинарството, а тоа се планинските патеки, чешмите и бункерите и заклоните кои честопати ги користиме во мирнодопски цели, како заклони од невремиња и метеоролошки непогоди. Овие паметници на Баба Планина и на Пелистер воедно претставуваат опомена и потсетување за несреќната историска судбина на Македонија што на нејзина територија се случувале воени судири од пошироко воено-стратегиско значење, па и судири од светски размери. А од воен поглед, редовно има победници и поразени, додека едно е сигурно, дека најголемиот губитник секогаш, со сигурност останува онаа земја и држава каде се случува конкретниот воен судир. Се случувало тоа во Македонија, за да не се повтори.

Историската патека на Пелистер, која е посветена на настаните и судирите на нашево поднебје од Првата светска војна, а која се протега од Информативниот центар „Пелистер“ до хотелот „Молика“ кај Бегова Чешма, на ефикасен начин ги отсликува воените настани од Првата светска војна и на тој начин не потсетува, опоменува и повикува!






