Press "Enter" to skip to content

Илија Талев (Иле Косата) го промовираше својот прв албум насловен “Музак“ (фотогалерија)

Вечерва во малата сала на Центарот за култура во Битола, пред голем број препознатливи битолчани, се одржа промоцијата на првиот албум на Илија Талев, познат кај битолчани како Иле Косата, насловено “Музак“, во издание на Центарот за култура од Битола.

Талев без многу непотребни говори и без промотори, сам го претстави своето прво музичко издание, а прво се задржа на тоа да го објасни поимот “музак“, при што рече:

-Терминот “музак“ е поим за музика која во доцните 60-ти и раните 70-ти години од минатиот век била доста популарна најмногу во САД, а претставува асоцијација за повеќето форми на музика наменета за места каде се движат луѓе, но, не се задржуваат подолг временски период, како на пример: аеродроми, лифтови, трговски центри… Оваа музика уште се нарекува “позадинска музика“. Зборот “музак“ е регистрирам заштитен знак од 21 декември 1954 година на фирмата “MUZAK LLC“, а таа фирма произведувала музика која не била намената за комерцијални цели, туку произведува музика која ќе пополнува одреден амбиент. Овој термин е составен од два збора, односно кованица од музика и “Кодак“ – во тој период светски бренд број 1. По банкротот на оваа фирма во 2009 година, а по низа купопродажби овој термин е слободен и никој не го користи. Па, затоа сега јас слободно можам да го користам.

Идејата за албумот на Талев му била од вистинит настан, кога лекар од источна Македонија по грешка при оперативен зафат извадил погрешен орган.

-Лекарот рекол дека погрешил бидејќи извадениот орган емитирал знаци дека е друг орган. Па затоа јас направив музика која првично ја направил некој друг (семплови) и ја сместив во мојата, при што сите семплови ќе се преправаат дека биле мои, објасни Талев.

За графичкото обликување на албумот Талев рече дека е едно поинакво видување на фамозниот крст на рускиот сликар Казимир Малевич, а логото е на агенцијата за мода, култура и уметност “Метрополис“, а е негово дело.

Битолчани и пошироко Илија Талев го познаваат како пионер на електронската музика во Македонија. Своето музичко деби како диџеј го има во 1989 година во дискотеката “Турист“, истата година под влијание на “есид хаус“ музиката и благодарение на новиот музички бран и “рејв“ културата од Британија и САД, ја организира првата техно-забава во Македонија во дискотеката “Сенатор“ во Битола. Во 1991 година ја реализита првата техно трака во Македонија под име “Последниот Титов танц“, а во 1992 втората под наслов “Валтер го брани Сараево“. Талев Талев работел како ди-џеј и се уште тоаго работи, а се занимавал уште и со графички дизајн и мода како организатор на “Модната недела“ во Битола.

More from КултураMore posts in Култура »