Press "Enter" to skip to content

Борче Марковски, тренер на РК Пелистер: целта е излез на Пелистер во Европа

Екипата на ракометниот клуб Пелистер деновиве под раководство на новиот тренер, Борче Марковски, ги завршува подготовките за пролетниот дел од Супер лигата, кој започнува овој викенд, а “пелистерци“ се слободни што значи седум дена плус за подготовки.

За тоа како Марковски ги оценува подготовките вели:

-Иако екипата ја презедов по започнувањето на подготовките, сепак сум задоволен од тоа како се тие одработени. Имавме добри тренинзи, но и одигравме и доволен број на контролни пријателски натпревари. За жал во сите контролни натпревари не бевме комплетни поради повреди, но пак ќе повторам дека сум задоволен од тоа што го прикаажаа ракометарите. Сакам да кажам дека шанса му беше дадена подеднакво на сите. Трениравме и тактички се подготвувавме во насока да имаме сопствен стил на игра, преку кој ќе стигнеме до поставенета цел, а тоа е излез во Европа, односно да обезбедиме место на табелата кое ќе ни гарантира дека во наредната сезона ќе играме меѓународни натпревари.Екипата на Пелистер ќе старува по десетина дена, а со кој играчки кадар ќе биде на 10 март, кога Пелистер ќе започне на официјални натпревари од Супер лигата, Марковски вели:

-Имаме посериозно повредени двајца ракометари Оријадзе и Рајчиќ, но мислам дека кога ќе започне за нас најважиот дел, плеј-офот ќе бидеме комплетни и со полна сила. Но, пред да се стигне со плеј-офот треба да одиграме три натпревари од регуларниот дел од Супер лигата, против екипите на Вардар Јуниор, Охрид и последниот против екипата на Еурофарм Работник. Пелистер ќе мора да го задржи сегашното прво место, а потоа по жребката да продолжи во плеј-офот, а за шансите на Пелистер во плеј-офот додава:

-Вардар останува недопирлив во овој момент. Поради тоа што екипата на Металург, без разлика во каква состојба е сега, има во својот состав половина сениорски и половина младински репрезентативци и како учесник во СЕХА лигата и искуството кои го имаат нивните ракометари, останува како фаворит и со тој епитет ќе влезат во средбите против Пелистер. Но, се надевам дека барем во Битола, пред нашите навивачи ќе стигнеме до победа над нив, иако се фаворити на хартија.

Што се однесува до можните засилувања екипата на Пелистер ќе го има како нов ракометар само египетскиот репрезентативец.-Дефинитивно отпаѓа засилувањето од Црна Гора, но пред некој ден е регистриран за Пелистер египетскиот репрезентативец Ахмед Мохамед Ради, кој има одлично си-ви. Учествувал на светско првенство и само со 18-19 години и им давал по 8-10 голови на репрезентации како Франција, Германија, Шведска. Тоа значи добар квалитет, но ќе треба да во вклопиме во екипата, да му најдеме место на кое ќе даде најголем придонес во играта на Пелистер. Тој по завршените административни работи, од Управата ми кажаа, дека во тимот ќе го имам за неколку денови, а ќе има право веднаш да настапува, вели Борче Марковски.

Тренерот на Пелистер, Марковски на неколкупати го спомена третото место на крајот од сезоната, но исто такви амбиции има и градскиот ривал Еурофарм Работник.

-Реално само Пелистер и Еурофарм ќе бидам оваа пролет конкуренти за освојуваме на третото место на табелата. Според мене двете екипи во продолжението ќе бидат изедначени по квалитет, а победникот на нашите меѓусебни натпревари ќе го одлучуваат нијанси, некој гол, обрана на големаните, мотовираноста кај ракометарите. Ние сме поискусна екипа и се надеваме дека ние ќе бидеме пласирани на посакуваното трето место на табелата, кое ќе ни донесе излез на европска ракометна сцена, што нашите навивачи го заслужуваат, конкретен е тренерот на Пелистер, Борче Марковски.

Текст и фото: Сашо Ристевски