Press "Enter" to skip to content

Димче Ивановски – претседател на Македонската Асоцијација на фризери: на “HAIR FAIR 2018“ ќе учествуваат најпознати фризери стилисти

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Повод  да поразговараме со нашиот соговорник е претстојниот фестивал на мода убавина и фризура “HAIR FAIR 2018. Не дочека во неговиот фризерски салон “Студио Кармен“- љубезен, професионален, во работна атмосфера со еден клиент. Го фотографираме и го водиме разговорот. Го прашуваме за салонот во кој владее топла атмосфера со музика за опуштање и прекултурниот персонал кој со почитување се обраќа кон сите муштерии. Веднаш забележуваме големо искуство кое се огледа во брзината на ракување со ножиците и чешелот-вистински мајстор на својот занает.

-Сега не сакам да зборуваме за мене и мојот салон, одлучно ни вели, сакам да зборуваме за претстојниот “HAIR FAIR 2018“ кој го организира Македонската асоцијација на фризери, а тоа ни го кажува како претседател на Македонската Фризерска Асоцијација и организатор на 12. по ред  “HAIR FAIR  2018“.

Со голема возбуда зборувате за годинешниот “HAIR FAIR 2018“ кој ќе се одржува на 25 и 26 март во Охрид, во хотелот “Аквалина“, кажете кој реномирани фризери и стилисти ќе бидат присутни?-Организацијата на овој престижен “HAIR FAIR 2018“, како и годините наназад, ја има Македонската асоцијација на фризери. На него ќе земат учество најпознати фризери стилисти, натпреварувачи и фризерски клубови од Балканскиот регион  и пошироко од Европа. Тука би го истакнал најавеното присуство на познатиот Џанкарло Миланезе на мое големо задоволство. Тој поседува титула “HAIR MASTER“ во Италија. Од 1998 – 2001 бил уметнички директор на “VIDAL“ академијата во Лондон. Директор и оснивач на “Giancarlo Milanese International Academy“. Наградуван е на европско ниво за најдобро потсрижување и колористика (Европски куп во 2015), а освоил и прво место на Светскиот куп во Киев, Украина во мај 2016 година за асиметрично потсрижување и колористика. Се разбира неговото присуство ќе даде голем придонес за реномето на овој “HAIR FAIR“. 

Се најавува и доаѓањето на најпознатиот македонски фризерски стилист на светско ниво познатиот, Гоце Ралевски кој живее и работи во Шведска. Кажете ни повеќе за тоа.

-Да ви кажам искрено многу ме радува што на светско ниво имаме успешен фризер кој важи за најнаградуван и најтрофеен  македонски фризер стилист и тоа на Европско и светско ниво. Имено, Гоце Ралевски, има освоено први места на “Stockholm hair open“ во 1984 и 1985 година и на “Scandinavia hair open“. Во 1992 екипно со репрезентација од Шведска го освојува 5 место на  “World cup Tokio“. Исто така тој бил стилист на претставничката на Шведска на Евровизија 1991 година. Тој е едукатор во Скандинавија за  компаниите “Wella“ и “Schwarrzkopf. Сопственик на “Awantgarde Studio“ во Малме, Шведска. Неговото присуство е мошне значајно и ќе биде поттик за многу млади фризери кои се уште се школуваат, а ќе учествуваат во натпреварувачкиот дел на овој фестивал.

Овој  “HAIR FAIR“ сигурно ќе биде едно вистинско шоу за очи, каде присутните ќе видат многу креативност како во фризура така и во шминка мода и убавина. Низ сето тоа ќе се провлекуваат и модните трендови за сезоната која доаѓа. Кажете ни повеќе за програмата на “HAIR FAIR  2018“.

-Програма на овогодинешниот саем на фризура која ќе се одржува  на 25 и 26 март, односно викендов кој е пред нас. И тоа во недела првиот ден  е натпреварувачки каде учесниците меѓу  кои има голем број на ученици од средни училишта за фризери од цела Македонија. Тие ќе се натпреваруваат во следните дисциплини: машко потстрижување, женско потстрижување, пунџа на долга коса, невестинска фризура и фризура “фантази“. Во овој дел има строги правила кои мора да се почитуваат и тие влијаат за добивање на бодови за да оценувањето биде реално. По завршувањето на овој натпреварувачки дел во кои победниците ќе добијат награди, следува слободен дел кој е исполнет со  шоу-перформанси на фризери со фризерски клубови од повеќе македонски градови.

На овие шоу перформанси всушност може да се види цела креативност и магијата на единствени, оригинални  невообичаени и авангардни фризури стилизирани со шминка и гардероба. Тие и му даваат посебен шарм и нота на овие саеми на фризура мода и убавина.

-Точно така. Сите посебно уживаат во тие перформанси, а оваа година сигурен сум ќе уживаат во шоу перформансот на Македонскиот тим во кој влегуваат звучни имиња на фризери од Р. Македонија. А тие се: Весна од фризерско студио „501“, „Бубе ин“, Пеце „Cool cut“, Алек Палада, и Кристина Серафимова „Студио Кики“. Сигурен сум дека ќе имаме што да видиме од нивните вешти раце. Да нагласам дека на 26 март понеделникот е наменет за шоу перформанси од други земји во регионот, така фризерски тимови од Италија, Германија, Холандија, Турција, Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија ќе настапат со свои шоуа каде ја претставуваат својата земја со посебна музика, перформанс и фризури. Но, овде секако ќе се шират и идеи на пријателство, соработка и едно дружење на луѓе од различни земји и култури.Нашиот соговорник цело време работеше на фризурата на еден клиент и со големо воодушевување ни зборуваше за целиот настан, од кој се надеваме ќе има нови искуства кои ќе ги сподели со нас после одржувањето на дванаесетиот по ред “HAIR FAIR 2018.

Фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »