-На 18 октомври 1991 година, во Битола започна приказната на “Папал дизајн“ на Велчо Петровски – приказна што денес, по три и пол децении, претставува сведоштво за силата на креативноста, храброста да се сонува и истрајноста да се продолжи дури и тогаш кога патот станува најтежок.
Триесет и пет години идеи, визии, предизвици и реализирани проекти. Триесет и пет години посветеност на дизајнерското творештво, професионалност и љубов кон убавото. Години во кои “Папал дизајн“ остави свој препознатлив белег во Битола и пошироко, низ градовите во нашата татковина, преку реклами, плакати, визуелни решенија и бројни креативни остварувања.
Јубилејот на “Папал дизајн“ не е само приказна за една фирма што опстојала 35 години. Тоа е животна приказна за човекот што ја започнал, за неговата верба во сопствените способности, за луѓето што биле дел од патот и за семејството што тивко, но цврсто стоело зад него.
На свеченото одбележување на јубилејот, основачот, познат меѓу своите сограѓани како Папал, со искрени и длабоко емотивни зборови се наврати на почетоците, на годините исполнети со борба и неизвесност, на соработниците што оставиле трага, но пред сè – на сопругата, која низ сите овие години била негова најголема поддршка.
Најтешки ми беа првите пет и последните пет години
-Денес, на 18 октомври, се навршуваат точно 35 години откако, во далечната 1991 година, ја започнав оваа приказна. Само јас знам како беше на почетокот, низ што поминав и колку труд, жртва и истрајност беа потребни за да стигнеме до денешниот ден. Најтешки ми беа првите пет и последните пет години. Почетоците бараа храброст, верба и борба за да се опстане, а годините што ги живееме носат свои предизвици, грижи и одговорности. Но, кога човек има љубов кон она што го работи, наоѓа сила да продолжи и тогаш кога не е лесно, рече на прославата на големиот јубилек на улицата “Кај ѕвончарите“, Велчо Петровски и додаде:
-Сакам од срце да им се заблагодарам на сите што поминале низ оваа фирма, на сите што работеле, соработувале, помагале и оставиле дел од себе во оваа наша приказна. Секој човек што бил дел од “Папал дизајн“ оставил своја трага и секому му благодарам за тоа. Посебна благодарност му должам на моето семејство, кое беше со мене низ сите овие години. Зад секој човек што нешто создава стојат и луѓе кои трпеливо го делат со него товарот, грижите и неизвесноста. А најголемата благодарност и најголемата почит и ги посветувам на мојата сопруга. Овој јубилеј е и нејзин.
-Таа беше покрај мене низ сите години, ги делеше со мене и убавите и тешките моменти и имаше разбирање за сите мои обврски и предизвици. Кога ја започнавме нашата заедничка животна приказна, беше многу млада. Денес, кога зад нас стојат толку многу години, можам само да и кажам едно големо благодарам за љубовта, трпението и поддршката, со емиции зборуваше Папало.
-Ако нешто научив во овие 35 години, тоа е дека ниеден успех не е целосен ако немаш со кого да го споделиш. Затоа, овој јубилеј не е само мој. Тој им припаѓа на сите што беа дел од мојот пат. Ви благодарам на сите од срце!, беше искрен Папало.
Зборовите на Папал беа повеќе од осврт кон изминатите години. Тие беа искрено сведоштво за цената на еден успех – за непроспиените ноќи, за одлуките што не можеле да чекаат, за неизвесноста што ја носи секој почеток и за силата што ја даваат љубовта и поддршката на најблиските. Зашто зад секоја приказна што трае три и пол децении не стои само професионалниот успех. Стојат и личните жртви, семејните компромиси, пријателствата, довербата и луѓето што остануваат покрај нас кога е најтешко.
Честитка од пријател – признание за едно творештво што оставило белег
Посебна емоционална димензија на јубилејот му даде и обраќањето на неговиот пријател, кој преку искрена честитка го истакна значењето на тридецениското творештво на “Папал дизајн“ и вредностите што стојат зад него, адвокатот Христо Тили – Пуцико.
-Почитувани дами и господа. Три и пол децении исполнети со идеи, визии и креативни решенија се доказ дека вистинскиот дизајн не е само професија или занает, туку уметност, знаење, посветеност и посебен начин на размислување. Денес, кога “Папал дизајн“ одбележува 35 години постоење и творештво, не одбележуваме само еден значаен јубилеј. Одбележуваме една приказна создадена со многу труд, љубов, истрајност и верба во моќта на креативноста. Во текот на изминатите 35 години, во секој проект, во секоја замисла и во секое реализирано дело – реклама, плакат, визуелно решение или друг облик на дизајнерско творештво – вградени се знаење, искуство, посветеност и стремеж кон убавото, функционалното и трајното. Зад секое дело стои идеја. Зад секоја идеја стои визија. А зад секоја визија стојат луѓе кои веруваат дека со креативност, упорност и работа може да се создаде нешто што ќе остави белег и ќе го надживее времето во кое настанало. “Папал дизајн“ со своите идејни и творечки остварувања остави препознатлив белег не само во родната Битола, туку и во повеќе градови низ нашата татковина. Тоа е белег создаван низ годините, преку професионалноста, оригиналноста и посветеноста кон секој нов предизвик. А зад овој јубилеј стои и една важна вистина: успехот не се мери само со годините што поминале, туку и со трагата што сме ја оставиле, со вредностите што сме ги создале и со спомените што сме ги вградиле во времето и додаде:
-Старите Римјани велеле: “Per aspera ad astra“ – “Преку трње до ѕвездите“. Оваа изрека како да го опишува патот на секое вистинско творештво – пат исполнет со предизвици, но и со верба, храброст и желба да се достигне нешто повеќе. Затоа, денес, со гордост и искрена емоција, му посакуваме на ПАПАЛ Дизајн уште многу години исполнети со нови идеи, смели визии, успешни проекти и творечки достигнувања. Нека продолжи да создава убавина, да инспирира, да остава белег и да докажува дека вистинскиот дизајн не е само она што го гледаме, туку и она што го чувствуваме и што останува во нашето сеќавање. Среќен 35-ти роденден, “Папал дизајн“! Нека следните години бидат уште посветли, уште поуспешни и исполнети со нови ѕвезди на творечкиот хоризонт. Честит јубилеј и нека трае приказната!
Овие зборови беа повеќе од честитка. Тие беа признание за еден творечки пат, за професионалниот интегритет и за човекот кој со години ја претвора својата визија во дела. Но и потсетник дека најубавите признанија се оние што доаѓаат од луѓето кои нè познаваат, го почитуваат нашиот труд и знаат колку многу стои зад она што денес го гледаме како успех. Уметноста како јазик што ги поврзува луѓето.
Јубилејот на ПАПАЛ Дизајн е и прослава на креативноста, уметноста и убавината – вредности што го одбележуваат неговото три и пол децении долго творештво. Посебен момент на свеченоста беше посветен на младата битолска девојка,која допатува од Белград која со својот танц внесе дополнителна емоција и уметничка нота во одбележувањето на овој значаен датум. Најавувајќи го нејзиниот настап, Папал ги повика присутните да ја поздрават со аплауз и да уживаат во нејзината изведба, потсетувајќи дека уметноста има многу лица и дека секое од нив носи своја приказна.
-Посебна чест и задоволство ми е сега да ви најавам едно младо битолско чупе, кое со својот танц ќе ни подари миг на уметност, убавина и емоција. Зашто, како што дизајнот зборува преку формите и боите, така танцот зборува преку движењето, чувството и душата. Ве поканувам со голем аплауз да ја поздравиме и да уживаме во нејзината изведба!, ја најави Папало, Никита Ангелевска.
Така, во духот на творештвото што го одбележува ПАПАЛ Дизајн, јубилејот доби и своја уметничка димензија – потврда дека вистинската уметност не познава граници меѓу различните изразни форми, туку ги обединува преку емоцијата, инспирацијата и човечката креативност. 35 години – приказната продолжува. Триесет и пет години зад нас. Нови идеи пред нас. А меѓу нив – една животна приказна што продолжува да се пишува.
Среќен јубилеј, ПАПАЛ Дизајн! Нека следните години донесат нови предизвици, уште поголеми творечки достигнувања, многу лични радости и нови причини за гордост. Нека продолжи приказната – со истата љубов, со истата истрајност и со вербата дека најубавите дела допрва можат да бидат создадени.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска
Линк за мефа фотогалерија: https://www.facebook.com/photo?fbid=1749244660247686&set=pcb.1749247236914095











