Press "Enter" to skip to content

На “Магнолија“ 110 битолски волонтери одбележаа 73 години Црвен крст (фотогалерија)

Општинската организација на Црвен крст од Битола, го одбележа 17 ти март, Ден на Црвен Крст на Република Македонија и ден на крводарителите на Република Македонија, со одржување на хепенинг на плоштадот “Магнолија“.

Според секретарот на општинската организација на Црвен крст од Битола, м-р Драги Павловски, оваа година за одбележување на Денот на Црвениот крст биле вклучени 110 млади, битолчани, волонтери кои ја збогатија прославата.

-17 март е многу значаен ден за Црвен крст на РМ, датум кој го одбележува постоењето, а воедно и успехот на сите волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти кои низ времето оставија свој белег во изминатиот пат на нашата организација. По тој повод волонтерите од клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст од Битола, на плоштадот “Магнолија“ организираа настан во кој беа презентирани принципите по кои се движи Црвениот крст, музички перформанс за повозрасните и игри и дружба за најмладите, ни рече Павловски.Покрај прославата на плоштадот “Магнолија“ беа поставени и четири штандови по Широк Сокак, со кои се одбележа секојдневната активност на Црвениот Крст од првата помош, крводарителството, социјално хуманитарната дејност и дисеминацијата.

Сите овие активности го привлекоа вниманието на битолчани кои ја поздравија идејата за ваков начин на прославување на Денот на црвениот крст.

-Волонтерите на Битола се дел од еден милион и седумстотини илјади волонтери од целиот свет, во повеќе од сто национални друштва во светот кои ја продолжуваат благородната идеја на  Анри Динанд, основачот на движењето на Црвениот Крст, уште во 1859 година, го кренал гласот, и го размрдал светот против варварството, страдањето и мизеријата. Нам ни е гордост што заедно со волонтерите сме дел од големата армија хуманисти во светот, кои даваат несебичен дел во спречувањето и намалувањето на страдањата на оние кои паднале во невоља од различни причини, додаде секретарот м-р Драги Павловски.Покрај тоа што 17 март е ден на Црвениот крст на Македонија, 17 март е и Ден на крводарителството, а за тоа Павловски вели:

-Доброволното дарување крв претставува израз на високо етички, хуманитарни и морални вредности. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот е висок чин на хуманост и благородност. Благодарение на изградената свест и хуманост на илјадници наши сограѓани-крводарители, спасени се многу човечки животи. Општинската организација на Црвениот Крст на Битола го надмина својот план, со што на крај завршивме со собрани скоро 3000 крвни единици. Се надеваме дека овај пат ќе го следиме и оваа 2018 година и ќе се потрудиме и ќе мотивираме крводарители да ги исполниме плановите за 2018 година, а воедно да спасиме и многу животи, кој не ја пропушти приликата да им се заблагодари на сите.

-Голема благодарност и до сите поддржувачи на Црвениот крст, а и сите оние кои несебично ги даваат своите ресурси, без разлика дали материјални или човечки. Благодарност и до волонтерите на Општинската Организација бидејќи вие сте лицето, вие сте креаторите на политиките на Црвениот Крст, вие сте движечката сила на Црвениот Крст.За музичкиот дел на прославата на “Магнолија“ се погрижија “Thunder Stars“, “Чупињата“, “No Name“ и Дј Маријан Милоевиќ. 

Годинашната прослава ја помогнаа “Кромберт и Шуберт“, АМД “Ѓорги Наумов“,Пела Роса“,Борче Пашовски, “Орифлејм“, “Млекара ИМБ “, “Векна Ангела“, “Маријан Лукас“, “Џеко“, “Александар Пекара“, “Зелен Рај“, “Вино Бар Буре“, “Бурбон“, “Чифлик“, “Бела Куќа“, “Травел Паб“, “Ангро Маркетинг “, “ЕУРОЛИНК“.

Текст: Филип Стефановски, волонтер на ОО на ЦК Битола

Фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »