Press "Enter" to skip to content

Фото репортажа: Денес, само двајца битолски планинари на еден врв – Пелистер

Убавиот, Воскресен Понеделник, секој го слави на свој начин. Некој со посета на црквите и манастирите на Македонската православна црква, некој на семеен ручек кај најблиските, некој со посета на роднини и пријатели, некои уживајќи на кафе на Широк Сокак, некој на прошетка во природа…За разлика од нив двајца наши сограѓани се решија на првиот ден по Велигден да го освојат Пелистер, во што и успеаја, за што како велат Драган и Даниело, имале идеален ден што се однесува до температурата.

-Се беше прекрасно, временските услови идеални, но за жал на цела планина бевме само двајцата, веројатно поради празникот Велигден, и низ смеа Даниело Божиновски, ни рече: само двајца планинари на еден врв.-Видливоста беше “бескрајна“, а кој е мерак за фотографирање денес можеше да направи стотици фотографии кон сите правци од Антената, кон Битола, Стрежевско Езеро, Кајмакчалан, Преспа… вели Драган Ристевски, еден од наискусните планинари од Битола, кој додава:-Таман ќе се израдувам кога некој ден ќе видам 20-30 планинари кои ќе престојуваат тука на еден ден, во вакви денови кога сме еден или двајца ме фаќа “жал“ како многу малку ја посетуваме Баба Планина и Пелистер. Како да е планината е модна писта, кога ќе ја “фати модата“ е посетена, а кога не е во мода, малкумина кои се броиме на прсти од една рака сме тука.

Иако денес двајцата направија голем број на фотографии од патот кон Антената и од таму кон сите правци, ние ви претставуваме неколку за тоа како бил погледот од таму, кон Преспа и Битола, каде најголем дел од битолчани уживавме на сонце седејќи по кафулината.

More from БитолаMore posts in Битола »