Press "Enter" to skip to content

Црна хроника: најдено починато лице, повредени работници, обид за силување

На улицата Кирил Пејчиновиќ во Битола вчера попладнето било пријавено во полиција дека е најдено починато лице. По извршениот увид, било констатирано дека се работи за триесет и седумгодишниот битолчанец Џ.С. За настанот бил известен јавен обвинител, кој наредил обдукција врз телото на починатиот.

Повредени се тројца работници кои работеле на покрив од објект во изградба при допир на табла од пластифициран лим со 10 киловолтен воздушен далековод на ул. „8-ми Септември“ во Битола. Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека повредени биле З.П. (43), Д.Н. (23) и  Џ.У. (59), ангажирани од фирмата изведувач на работите на објектот на инвеститор од Демир Хисар. Тие биле пренесени во Клиничката болница Битола каде им била укажана лекарска помош, по што З.П. и Д.Н. биле задржани на понатамошно лекување, а Џ.У. бил пуштен на домашно лекување. Увидот на местото извршила екипа од СВР Битола, Јавен обвинител и трудов инспектор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Битола, синоќа во 21 часот, 15-годишно девојче од Битола во присуство на нејзината мајка пријавила дека Ѓ.Б. (46) од Битола (нивен подалечен роднина) се обидел да изврши други полови дејствија врз неа. Околу 14.30 часот тој дошол во нивниот дом и ја повикал да појде со него да и купи тренерки. Тргнале со такси возило кон Прилеп, но по кратко време излегле од возилото и продолжиле пеш. Кога застанале да одморат тој почнал да ја соблекува и да ја допира по телото, но таа го оттурнала и побегнала до главниот пат. Возило кое поминувало ја однело во нејзиниот дом, по што го пријавила настанот. Во 22.00 часот Ѓ.Б. бил лишен од слобода и со него бил извршен разговор. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.