Press "Enter" to skip to content

Одбележани 182 години од формирањето на противпожарната служба во Битола (фотогалерија)

Со смотра на пожарникарите од Теритиријалната противпожарна единица од Битола и со плагање на цвеќе на споменикот пред зградата на ТППЕ – Битола денес беа одбележани 182 години од формирањето на првата противпожарна служба во Битола, која е формирана во 1836 година со повелба на Румелискиот валија.

Денот на пожарникарството, на сите пожарникари од ТППЕ – Битола со искрени желби за здравје, среќа и успешна работа им го честита заменик градоначалничката на Битола.

-Во 1836 година на 20 мај, тука на ова место во Битола, формирана е првата противпожарна бригада на Балканот. Значи и според тоа сме први. Денес, после цели 182 години го славиме Денот на нашите пожарникари, Денот на ТППЕ во Битола и во овој момент можам да кажам дека благодарение на иницијатива на градоначалниците од Пелагонискиот регион, обезбедени се 4 милиони денари кои што ќе се искористат за техничко опремување на овие единици, тоа се пари преку Бирото за регионален развој, преку Центарот за развој на Пелагонискиот регион. Во името на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и во мое лично име, им го честитам денот на нашите храбри пожарникари и им посакувам многу здравје, среќа и особено среќа и успешно извршување на нивните професионални задачи, затоа што тоа значи, дека ние – граѓаните ќе бидеме безбедни и сигурни, изјави Емилија Костурски, заменик градоначалник на Општина Битола.

Опремувањето на Територијалната противпожарна единица е од големо значење за зголемување на заштитата на пожарникарите, а со тоа и за нивно безбедно и брзо делување, пред се при пожари на отворен простор.

-Ова е голем ден. Единица која што е прва на Балканот, меѓу првите во Европа, која уште повеќе има капацитет да биде на највисоко ниво. Ова што го најавија градоначалничката и заменик градоначалничката е битен елемент за нас, бидејќи оваа година, овој грант од Пелагонискиот плански регион ќе се посвети исклучиво на заштитата, на заштитната опрема на пожарникарите, заштитната опрема за шумски пожари, односно пожари на отворен простор, поради тоа што 50% од пожарите се пожари на отворен простор, за разлика од другата заштитна опрема единицата ни е солидна, согласно европските стандарди, ни недостасуваше овој сегмент на заштита и верувам дека тоа брзо ќе се реализира, изјави Костадин Поповски, раководител на ТППЕ Битола.

На денешниот настан по повод 182 роденден на ТППЕ Битола присуствуваа: Делегација од конзулатот на Република Бугарија во Битола, Советници од Советот на Општина Битола, претставници од МВР Битола и ОО на Црвен крст од Битола, кои исто така по повод Денот на ТППЕ положија свежо цвеќе на споменикот пред згрдата на ТППЕ Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »