Европскиот ден на Мрежата на Натура 2000“ беше одбележан и во Националниот парк “Пелистер“со работна свеченост, организирана заеднички од Министерството за животна средина и просторно планирање, ЕУ Твининг проектот “Зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на заштита на природа”, Програмата за зачувување на природатa-Фаза 2 и Националниот парк Пелистер.

-Ако во 2016 година имавме прв менаџмент план за заштитените подрачја во националното законодавство , во рамките на ЕУ Твининг проектот “Зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на заштита на природа“, сега имаме и прв нацрт менаџмент план по барањата на “Натура 2000“. Исто се предвидува и изготвување на студија за валаризација на природните вредности на НП “Пелистер“, рече директорот на НП “Пелистер“, Амет Аџиу.

Основната цел на овој настан беше промоцијата на видовите од национално и ЕУ значење, со кои располага Националниот парк Пелистер, како заштитено подрачје. Бидејќи и Преспанското Езеро е дел од Пилот подрачјата опфатени со Твининг проектот, на настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Ресен, д-р Живко Гошаревски и ренџерите од заштитеното подрачје Езерани.
-Работиме на протоколи за мониторинг и најмногу се фокусираме на шумата, а се идентификувавме 11 живеалишта во рамки на Националниот парк Пелистер. Секако има мониторинг и на моликата која е еден од видовите што се од најголемо значење и таа е заштитен вид, но таа стада на повисоките места поради обраснување со други видови на дрвја и шума. Што се однесува пак до ливадите, тенденцијата е тие да се напуштаат и да се обраснуваат со вегетација, а за да опстанат како ливади треба да бидат одржувани, рече Кимо Сурионен, ботаничар од Финска.

Свеченоста беше збогатена со присуството на ученици од ОУ “Коле Канински“ од Битола, кои присуствуваа на еден теоретско нагледен час во Информативниот центар со Богољуб Стеријовски, претставник на Македонското еколошко друштво и ренџерите и шумарите од НП Пелистер, како и на еден истражувачки и нагледен час во природа, со експертите и волонтерите од Финска, кои ја истражуваат флората и фауната на Пелистер, од аспект на видовите важни за “НАТУРА 2000“.






