Македонската православна црква денес ја обележува славата посветена на Козма и Дамјан во народот познати и како Св. Врачи. Овие светци се сметаат и заштитници на лекарите бидејќи и самите биле исцелители и лекари.

Славењето и оддавање почит започнува уште попладне претходниот ден, а голем број верници беа дојдени во малото црквиче “Св Кузман и Дамјан“ кое се наоѓа на улицата “Солунска“ бр. 114, каде во дворот има света вода од која сите полнат за здравје и исцелување. Иако црквичето е маало сите достоинсвено и тивко чекаат на ред за да запалат свеќи, земат од лековитата вода и да се помолат.
Инаку, во преданијата за Светите Кузман и Дамјан, светители помагале и лечеле не барајќи ништо за возврат како што пишува и во свети книги “не ради добивка и богатење туку заради Бога“, а поради тоа во народот биле познати и како Безсребреници.

Владиката Николај Велимирович, запишал за нив: “Свети Козма и Дамјан браќа по тело, родом од Азија сјаеле по добри дела, па затоа го добиле дарот од Бога за исцелување и дарување здравје и на душите и телата лекувајќи секаква слабост и секоја немоќ“. Исто така во записите стои дека Козма луто се замерил со Дамјан, кога овој од жената Паладија која ја излекувале од тешка болест зел три јајца. Дури и на смртната постела тој барал да не биде закопан покрај брата си.

Дамјан и Козма по христијанските преданија останале запаметени по тоа што бесплатно лечеле и не правеле разлика меѓу своите пациенти по националност и вера. Единствено што барале за возврат од нив е да не го изговараат името на Исус залудно дури и ако не сакаат да го прифатат христијанството. Овие светители се погребани еден покрај друг во местото Феремано.

Светителите Козма и Дамјан во народот се познати и како Св. Врачи и на иконите и фреските се претставени во средновековни одежди и со ковчежиња во кои ги носеле своите лекови.

Денешниот ден по народното верување е добар за молитва за оздравување. Постои верување на денот Св. Кузман и Дамјан е добро да се работат тешки физички работи, но да не се работи на големи висини и по верувањата без голема потреба да не се излегува од дома.






