Градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска го прогласи за отворено 48. издание на Интернационалниот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови“ и им посака успешни фестивалски денови на сите учесници на фестивалот, а на гостите убав престој во Битола во наредните пет денови додека трае фестивалот.
–По 48-ми пат Широк Сокак ни се закити со везови, со танци и звуци излезени од народните дамари. Народните песни и народните танци се сведоштво кое никогаш нема да згасне. Народните танци и песни сме самите ние, рече Петровска.

Фестивалот кој е наречен фестивал споменик, фестивал паметник, фестивал учебник, ќе пее и танцува, ќе го гради мостот на пријателството, културната разнобојност, убавина…

Претходно на присутните им се обрати и директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илиевски и во име на организаторот ги поздрави гостите, на како што рече, единствениот фестивал кој го има сертификатот и е дел од големото семејство на интернационални фолклорни фестивали CIOFF.

-Добредојдовте не фестивалот кој е вдахновен од Свети Илија, во чест на Илинден, во чест на народните уметници, кој ги чува и презентира традиционалните вредности, рече Маја Андоновска-Илиевски на почетокот на своето обраќање и продолжи:

-“Илинденски денови“ е повеќе од еден фестивал, “Илинденски денови“ е бренд на нашиот град, тој е амбасадор на културата. Ние, со дефиле, улични перформанси, низ концертите, играорците, вокалните и инструменталните манифестации, семинарот, проекциите на етно-филмовите, изложбите, детската ликовна работилница и завршниот концерт на нашата битолска гордост, Виолета Томовска, во придружба на групата “Фонтана“ со пријателите, ќе го обоиме културниот живот во нашиот град.

Фестивалот на народни песни и игри “Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија, и со финансиска поддршка на Министерството за култура и општина Битола и е дел од “Бит Фест 2018“.

Со традиционалното оро “Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“-Битола започна 48. издание на Републичкот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, а први настапија “Русалиите“.
Текст и фото: С.Ристевски






