Press "Enter" to skip to content

Плажите во “Градиште “ и по 30 години се уште најатрактивен дел од Охридската ривиера (фотогалерија)

Кога тргнавме од Битола денот не ветуваше многу, заради облаците, но упатувајќи се кон Охрид многу возила со различни регистарски таблички од градови од цела Македонија, се упатуваа натаму без разлика на времето.

Цела Охридско крајбрежје преполно со туристи, но плажите на автокампот “Градиште“ најатрактивни за сите особено за младите. Трите плажи “Градиште 1, 2 и 3“, и последната “Оревче“ беа преполни со туристи кои се забавуваа на најразлични начини. Сите современо уредени со најразлични видови на лежалки во вид на троседи, џамбо перници, подни перници, шанк столици, маси за ручање, маси за кафе-шема, за сечиј вкус…

На плажата пред камп-приколките беше некако помирно и сеуште задржан сјајот од добрите стари времиња.

-Се сеќавам дека пред 30 години да се дојде овде на плажа беше “ин“, како секој да сакаше да се покажи било со девојка, или своето добро набилдано обликувано тело, женските во најубави костими за капење. Се доаѓаше на “шпацирање“ како што велевме ни кажува еден стар кампер и продолжува:

-Да се има камп приколка беше престиж особено тука во првиот ред што се вели до водата. И сега е се уште така и тука на оваа плажа уживаат камперите и посериозни семејни луѓе.

А другите плажи повеќе изгледаат како шанкови, кафулиња секој си џуска во ритамот на музиката. На плажата “Оревче“ многу млад свет се забавуваше и танцуваше во водата со музиката која ја пушташе ди џеј.

Овде младите се чувствуваат најубаво, музиката е топ, а водата пречиста.

Времето се разведри, низ езерото крстосуваа јахти, педалинки и бротчиња. Вистински летен рај за сите на Охридското крајбрежје.

Ж. Ристевска