Press "Enter" to skip to content

Преку сонот на Владе, Светијата “си изгради“ свој дом над село Црнобуки, со помош на сите во селото и иселениците (фото)

-Не беше идеја да се гради тука манастир, тоа беше сон кој мене ми се јави пред многу години, сега има точно 11 години, а јас и пред тоа имав големи маки. Секоја ноќ бев на овој рид, ноќе идев, а ме носеше Светијата и ми го покажуваше во соновидение местото, и ми викаше овде е мојата куќа, овде сакам да ми го обновиш мојот дом. Јас и неколкумина сметајќи дека тука ќе најдеме некаков темел, нешто градба бевме тука, но тука имаше само ископина, дупка, и јас презедов чекор за да видам дали е тоа вистина. Прво мислев дека е само сон и ќе прекине, секоја година бев со истата мисла дека ќе прекине, но сонот не прекинуваше. Бев во македонската православна црква, тогашен намесник беше Оливер Ивановски, но не најдовме никаков заеднички јазик, а јас морав сам да почнам со градба, ја започнува својата приказна Владе Чагорски, ктитор на манастирор “Св. Спас“ во село Црнобуки, за тоа како започнал да се гради манастирот над селото Црнобуки, на ридот, кој го носи името “Свети Атанасие“, каде селаните веруваат дека имало три манастири.

По започнувањето на изградбата на манастирот на Влатче му помогнале селаните, но како вели најмногу му верувале и му помагале месното население и иселениците од овој крај, а сега има и голема помош од Македонската православна црква, откако, како вели Влатче се инаетеа, а сега стапиле во контакт со него и со здружението за изградба на манастирот.

Кога го посетивме, деновиве, овој прекрасен манастир кој се белее над селото Црнобуки, каде се стигнува по земјен пат, поради Илинденските празници не се работеше на него, но може да се види дека манастирот веќе е покриен, со бакарен покрив, куполите се изградени, а наскоро ќе се поставува влезната врата, дограмата е веќе поставена. За брзо време треба да започне и малтерисувањето внатре, а надворешно е завршено.

Но, пред Влатче да ни каже за самата изградба, се враќа пред 7-8 години кога Светијата, како вели, во сонот го носел тука и започнува:

-Моето сонување беше и кога се направив операција 7-8 години, кога на сон ми дојде едно ангелче и почна да ми кажува за оваа куќа тука, која ја гледаме сега прерасната во манастир, и продолжува:

-Јас како член и раководител на Здружението на граѓани, кое го гради манастирот заедно со црковниот одбор можам да кажам дека се досега што е вложено, од страна на финансии со се донации и од прилика не чини околу 35.000 евра. Ќе продолжиме со малтарење внатре во објектот и глетувањето за икостастасите и фрескоживописот, а ќе следува и изработка на олтарот. Се надеваме дека сите кои сме вклучени во изградбата, со Божја помош, ќе постигнеме успех, бидејќи ова се гради другарски, тимски, сите заедно стигнавме до манастир, односно дом на Светијата.

Влатче Чагорски не заборава да ја спомене помошта од населението, фирмите, иселениците за целиот период од 2014 година кога започна изградбата и додава дека со нивна помош ќе се стигне далеку, односно ќе се заврши манастирот.

А, токму кај новиот манастир бевме со двајца иселеници кои ги врзува овој крај, а сега живеат во Сиднеј, Австралија, Пецо Поповски и Златко Кулевски.

-Јас во 2016 година бев тука и беше “турена“ плочата на манастирот и Влатче почна да ми кажува и мене, како што сега ви кажува вас, за неговиот сон и иницијативата за изградба на манастирот. Јас му реков дека ќе направам неколку игранки за помош на манастирот и тоа се случи. Му благодарам на сите нашинци во Сиднеј кои не слушаа преку радијата “Сиднеј Македонија“ и “Симе Брич“. Направивме две игранки и се јавија донатори од нашето село Црнобуки и се собраа 11.000 долари од луѓе од Сиднеј, Волонгог и Њукастл, а луѓето од други краеви од Македонија во Австралија собраа 6.200 долари. Потоа имаше уште две забави, а вкупната сума која се собра изнесуваше околу 34.000 долари пари за изградба на манастирот. Досега е испратена некоја сума на пари и ќе продолжиме, а имаме обезбедено пари да одиме на завршување на манастирот. Обезбедени се 80 проценти од парите, а ќе започнам друга акција за “продавање“ на иконостасите. Ќе чинат околу 150 евра по метар квадратен и секој може да ја купи и подари на манастирот. Со оваа акција ќе дојдеме до финална фаза за да може манастирот да функционира.

Злате Кулевски, музичар од Сиднеј по мајка има потекло од Црнобуки и е вклучен во собирањето на помош за манастирот.

-Кога се работи за манастир или за црква кој на каков начин може да помогне треба да помогне. Јас тоа го направив со музиката, собрав музичари, ги развеселивме гостите кои беа таму и му кажав на колегите дека целиот бакшиш ќе се подари на манастирот, а ако Пецо направи повторно забава ние не откажуваме, пак ќе свириме, вели Злате.

При обиколката на манастирот и восхитувајќи му се на убавината и смирението кое е таму видовме мало дрвце, кое е грижливо оградено со метална ограда. Влатче ни кажа дека е круша, а Пецо се надоврзува:

-Паметам дека оваа круша е тука 62 години, високо е околу два метра со зелени лисја и плод и според мене нити расте нити се смалува, а Влатче ни раскажува:

-Фактички ова е домот на Светијата додека се изгради манастирот, тука тој си престојуваше и ми порачуваше, дека што и да се случи со мојава сенка да не ја гибате или отсранувате да си стои на местото каде што е, па ние ја оградивме. Ние мештаните ова дрво исто така го гледаме како нешто свето, поради тоа што било, одморалиште на Светијата, каде што живеел извесно време. Светијата излегуваше од крушата и почнуваше да ме повикува да дојдам тука.

Пред заминување од местото Влатче и Пецо ги договараат следните активности за дозавршување на манастирот, односно да се искористи топлото време додека се изведуваат градежните работи, да се “затвори“ со врата манастирот, да се глетува, да се “продадат“ иконостасите, да се постави аларм и други работи.

По патот кон селото ни кажуваа дека и оние кои не веруваа во сонот на Влатче, Светијата ги натерал да веруваат, а скромниот и вреден Влатче на неколкупати повторува дека му е криво кога некој ќе каже дека манастирот е негов, а тој со верба во Господа, додава дека манастирот е на Светијата и на сите мештани од Црнобуки, односно на секој кој тоа го чувствува.

Пораката на Светијата, искажана преку сонот на Владе да се изгради манастирот “Св. Спас“ кој сега е реалност, за брзо време ќе биде готов, ќе има литургии и други црковни работи, а покрај тоа што ќе биде дом на Светијата ќе биде дом на сите жители од село Црнобуки и сите добронамерници кои ќе дојдат тука.

Текст и фото: Сашо Ристевски