Со доделување на посебни фестивалски награди и признанија „Златна камера 300“, синоќа во Битола почна Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе трае до 29 септември.
Со перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ официјално започна 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот го означи за отворен актерката Јелена Јованова која заедно со балерината Ивана Коцева и пијанистката Дуња Иванова успешно ја доловија филмската магија.
На свеченото отворање на големиот културен настан и собир на кинематограферите од светот, директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска истакна дека оваа година на филмското платно ќе има деведесет и пет наслови во 14 програми.
Градоначалничката на Битола Наташа Петровска, пак посочи дека Фестивалот е значаен за битолчани, но и за целиот свет затоа што потврдува како може да му се пркоси на времето и потврдува дека и четвртата димензија има релативитет, а на гостите им посака добредојде и убави денови поминати во Битола.
Публиката во Центарот за култура, со стоечки аплаузи, ги поздрави актерката Кардинале, кинематограферот Роџер Дикинс и македонската актерка Милица Стојанова, годинашни лауреати на Фестивалот во овој град.
Златна камера 300 за животно дело доби британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс. Дикинс се заблагодари за наградата, која му ја даде директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.
-Можеби ќе звучи како клише, но морам да кажам дека овде се чувствувам како да сум на погрешната страна од камерата, повеќе би сакал да сум зад камерата. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја, затоа што познавам многу луѓе, мои пријатели кинематографери што биле тука и конечно и јас усепав да дојдам на овој фестивал – рече Дикинс.
Италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, ја доби специјалната награда „Златна камера 300“. Таа се заблагодари за укажаната чест од фестивалскиот тим и наградата која и ја додели министерот за култура Асаф Адеми. Во чест на Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.
-Благодарам Битола, благодарам Македонија, рече Клаудија Кардинале, по добивањето на наградата.
Со одлука на Друштвото на филмските професионалци на Македонија, годинава наградата „Голема ѕвезда“ и беше доделена на актерката Милица Стојанова.
-Му благодарам на Друштвото на филмските работници што го согледа мојот труд пред камерата и сега сум лауреат на оваа престижна награда, која многу ми значи. Им благодарам на сите наши филмски и телевизиски режисери кои ми овозможија да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите – изјави Стојанова.
Во големата сала на битолскиот Центар за култура беше прикажан филмот „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат Роџер Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации.
ИФФК „Браќа Манаки“ продолжува со претпладневна прес конференција за светската и македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов – Изи, и разговор со Клаудија Кардинале кој ќе се одржи во малата сала на НУ Центар за култура во Битола.






