Press "Enter" to skip to content

Роберт Митковски тренер на Пелистер Волеј, со битолска екипа до одбојкарскиот врв на Македонија

Одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј денес ја започнува новата сезона во одбојка, во Првата Државна Лига – Жени кога и започнува првенството на Македонија. На самиот старт нашиот прволигаш е домаќин тука во Битола и игра против новиот прволигаш од Кичево, екипата на Ускана. Стартот на новата беше повод на направиме разговор со тренерот на Пелистер Волеј, Роберт Митковски кој за стартот на сезоната вели:

-Пред десеттина дена овие две екипи одигра пријателски контролен натпревар во кој убедливо славеше екипата на Пелистер Волеј. Судејќи по самата игра предноста треба да е на наша страна, но секако тоа беше само пријателски натпревар и максимално сериозно ќе пристапиме на овај дуел против Ускана, зошто тоа сепак е екипа која е составена од одбојкарки кои играле и досега во државниот шампионат, натпревар во кој ќе ги бараме и првите три бода пред домашната публика. Натпреварот се игра во салата на медицинско училиште Д-р Јован Калаузи, влезот е слободен, но ве уверувам дека ќе се бара место повеќе, па ја повикувам публиката да дојди во сабота во 16 часот да го проследи првиот натпревар оваа сезона во кој се надевам заедно ќе се радуваме.

Оваа сезона лигата брои 11 прволигаши: Пелистер Волеј (Битола), Ускана (Кичево), УГД Студент (Штип), Јанта Волеј (Скопје), Работнички Скопје (Скопје), Работнички Жени (Скопје), Бами Кор (Тетово), Универзитет Тетово (Тетово), Наковски Волеј (Струмица), Виктори Волеј (Струмица) и Македонија Макс (Струмица).  Ќе се игра по Бергеров систем во две фази. Во првата фаза (Фаза 1) ќе се играат десет натпревари со едно слободно коло за секоја од екипите, во која по одигрувањето првите шест екипи ќе играат во двокружен систем (Фаза 2) секој со секого од кој првите четири по одигрувањето на прва фаза ќе разигруваат за титулата, додека оние од долниот дел по истиот систем ќе разигруваат за пласман.За амбициите кои ги има оваа сезона, тренерот Митковски вели:

-Амбициите и проекциите на нашиот Пелистер Волеј се по првата фаза да завршиме токму во горниот дел на табелата меѓу првите шест екипи, од каде ќе се обидиме да оствариме највисок пласман од нашето постоење и дрско да го нападниме четвртото место на табелата, што секако за нас би било сензација иако тоа не е недостижно. Зошто го велам ова, затоа што екипата е на највисоко можно ниво од своето постоење, екипа која веќе 4 години игра заедно и искристализирани се многу нешта, од пристапот, дисциплината па се до физичката подготвеност како и тактичко техничката спрема, а за тоа како се одвивале подготовките додава:

-Екипата речиси и да не направи пауза од минатата сезона, со исклучок на три недели во месец јули во кои играчите имаа посебни задолженија па од почетокот на месец август поминавме неколку фази на припреми, кондициони припреми, теретана, специјални припреми, подготвителен период во сала, пријателски натпревари, турнири.

И оваа година нема да има засилувања во Пелистер Волеј од други клубови, а екипата останува чисто битолска, за оваа “спорстска“ политика Митковски вели:

-Екипата и оваа сезона е составена исклучиво со играчи од Битола, кои потекнуваат од нашата школа, екипа во која имаме три младински репрезентативки, една кадетска репрезентативка, но и сите останати кои се на највисоко ниво на својата задача. Пред самиот почеток на сезоната одигравме два натпревари со екипи директни конкуренти за горниот дел на табелата и два пати победивме. Оваа генерација е носител на вицешампионската титула во младинската лига од минатата сезона и одтука сметаме дека токму оваа година ќе достигниме најголем успех, кој за можните засилувања додава дека можеби на полусезона ќе добиеме едно засилување и од земја која е лулка на одбојката, но да го оставиме тоа за понатаму.

Покрај првата екипа – сениорска, во Пелистер Волеј се обрнива големо внимание и на младинските категории, а Митковски додава:-Што се однесува до младинските лиги нашиот клуб ќе се натпреварува во сите можни категории од најмала до најголема (пионерки, кадетки, младинки). Оваа сезона младинската лига брои 15 клубови, кадетската и пионерската по 22 клуба кои ќе се борат за титулата првак на Македонија. Како што кажав со младинките минатата сезона игравме во финалето и станавме вицешампиони, додека со пионерките бевме бронзени, а се надеваме дека и оваа година ќе избориме пласман во Ф4. Всушност проекциите се дека и оваа сезона со сите младински категории, нескромно, ќе атакуваме на првата шампионска титула. Пелистер Волеј има огромна база од 150 члена и од тука ја црпиме цела наша енергија. Имаме две групи на почетници, група на пионерки, кадетки, младинки сениорки. Со младите категории работиме три пати неделно додека со сениорките работиме секој ден. И оваа како и минатата сезона со најмладите работат Владимир Трифуновки и Александар Димовски, додека младинската лига и сениорките ги предводиме јас и мојот колега Александар Темелковски.

Неколку одбојкарки од Пелистер Волеј поради возраста играат во повеќе категории, оваа сезона ќе одиграат верувале или не од 60-70 натпревари што е неворајатна бројка за наши услови. Сите натпревари ќе се снимаат и како и до сега, ќе бидат поставени на нашиот youtube канал.

И на крајот го запрашавме како Пелистер Волеј се снаоѓа на финансиски план, кога знаеме во какви услови работат сите битолски клубови.

-Што се однесува до финансиите за нас ова е најтешката сезона, во која има значајни па и двојни поскапувања на котизацијата, судии, делегати и.т.н. Да напоменам дека ние сме клуб кој функционира со самофинансирање, клуб кој е помаган од неколку спонзори, но секако тоа е само мал дел во она што е неопходно. Навистина веруваме и се надеваме дека општината ќе препознае вистински партнер во нас како клуб со се поголеми успеси кој е се поголем нејзин репрезент и ќе не поддржува на начин како и другите колективни спортови, зошто само така можиме да се надеваме на уште поголеми успеси со кои ќе се гордее цела Битола, вели тренерот на Пелистер Волеј, Роберт Митковски на кој му посакавме денес да има успешен старт на сезоната и неговите ракометарки да ги освојат сите планирани пехари и медали.

Сашо Ристевски