Во конференциската сала на “Синпекс“, здружението за едукација на земјоделци “Зелена берза“ од Битола, организира едукативно предавање на тема “Современа опрема за сточарство и начини на финансирање на истата“, а предавањето беше организирано во соработка со “Синпекс“ и “БиМилк“.
-Предавањето “Современа опрема за сточарство и начини на финансирање на истата“ беше наменето за сточари и сите оние што се занимаваат со фармерско млекопроизводство, а на него присуствуваа сточари од целата држава. Ова беше најпосетен наш настан до сега, на кој присуствуваа околу 120 гости од кои стотина беа земјоделци. На предавањето учествуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделците, Никола Бабовски, кој на оваа средба изјави дека ќе даде комплетна поддршка на сточарите, велат од “Зелена Берза“.
-АФПЗРР прави се што е во наша можност да ги поедностави , пред се процедурите на аплицирање по Национална програма или по ИПАРД програма. Во овој период може да се пофалиме со импозантни бројки каде што за ИПАРД програмата, 32 од 937 проекти се однесуваат повеќето за сточарството. На 19 овој месец заврши повикот за Млад земјоделец каде што акцентот беше ставен токму на сточарството односно ги поддржуваме оние млади земјоделци кои сакаат да инвестираат во сточарството без разлика во кој дел е тоа, дали е за краварство, живинарство, свињарство, козарство, овчарство, се со една цел да се зголеми сточниот фонд во Македонија но и да им дадеме можност на младите луѓе кои што сакаат да се занимаваат со ова стопанска дејност да останат, за да може нивното производство да биде порентабилно, да бидат поконкурентни на пазарот и да ги стигнуваме оние квалитети на нашите производи, да постигнат квалитет кој е пропишан и се бара во ЕУ. Самите претпристапни договори за членство во ЕУ ние сме обврзани да ги исполниме на едно повисоко ниво на национални стандарди, со приближување на стандардите на ЕУ, изјави – Никола Бабвоски, директор на АФПЗРР.
Денешното предавање беше организирано во соработка со Бимилк . Директорот на суровина во оваа компанија Драган Илиевски ја презентираше програмата „Бимилк партнерство“ – условите и можностите што може да ги добијат сточарите од оваа компанија при набавка на опрема.
-Партнерството што ние го нудиме е тоа што претендираме и посебно ги цениме проектите кои што се однесуваат на модернизација. Модернизирање и развој на постоечките фарми, но исто така и изградба на нови објекти кои ќе придонесат во зголемување на млекопроизводството и за модернизирање и зголемување на бизнисите на фармерите. Она што ние им го нудиме се проекти кои на секој фармер поединечно им ги нудиме, оти секој фармер има своја различна ситуација во својот бизнис. На овој начин сакаме да им посветиме внимание и да ги поддржиме онаму каде што им е најпотребно. Дали е тоа преку совети, финансии преку наоѓање на друга помош , независно, ние сме подготвени да им помогнеме од секој аспект на тие фармери, вели Драган Илиевски – директор на суровина при “БиМилк“.
На предавањето со свои дискусии насочени за да им помогнат на земјоделците се јавија и “Лаг лидер“ од Прилеп, Агенцијата за поддршка на земјоделството, “БиМилк“ – Битола, “Курстан“ – Турција, “КВС“ -Бугарија, “Бразди“ –“Канал 5“, “Симпекс“ – Битола, “Алби консалтинг“- Битола. Дел од дискусиите беа во насока на сточарите да им објаснат како на најлесен начин можат да дојдат до квалитетна опрема и квалитетен семенски материјал за сточна храна, кои грантови постојат, како да се аплицира во новиот ИПАРД, а и кои се другите начини на финансирање.
-Целта со предавањето беше постигната, се разговараше за актуелни прашања кои ги засегаат сточарите. Се говореше за најновите трендови и достигнувања во опремата за сточарство со акцент на млекопроизводството. На предавањето имаше и презентации за предизвиците на македонскиот фармер, за ИПАРД фондовите – можност за европско млекопроизводство како и искористување на кредитни линии за поддршка на фармери имлекари, додаваат од “Зелена берза“.
На овој настан имаше и презентација на современа опрема за сточарски фарми од турската фирма “Куртсан“.
-Освен што пробавме да ја презентираме целокупната гама на производи, сакавме да ставиме акцент на три точки. Првата, дека конечно доаѓаме на овој пазар агресивно и одговорно, второ дека имаме можности и решенија луѓето да се занимаваат покомерцијално , професионално и полесно со оваа работа, со сточарство, и трето е дека имаме такви решенија да можеме да одговориеме на сите потреби на пазарот од најмали фармери до најголеми фарми што бараат најмодерни решенија“– вели Љупчо Стојчевски регионален менаџер на “Куртсан Агри Србија“.






