Битола денес доби регионален центар за лицата со оштетен вид кој ќе се простира на 500-тини метри квадратни, со комплетната неопходна инфраструктура и е опремен со најсовремена технологија по највисоките стандарди коишто комплетно ќе ги обезбедат и потребите и барањата на лицата со оштетен вид.
Здружението на слепи лица, со поддршка на локалната самоуправа, УНДП и Министерството за труд и социјална политика, како и со помош на останати донатори, го добија првиот регионален Ресурсен центар за слепи лица, кој сместен во просториите на месната заедница “Коле Лачето“.
Овој ресурсен центар за лицата со оштетен вид треба да ги покрива општините Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци, а за да биде одржлив во следниот период, со одлука на советите на општините, ќе бидат издвоени 2% од средствата наменети за здруженија на граѓани.
Општина Битола обезбеди простор наменет за овој центар, а градоначалничката Наташа Петровска, на свеченото отворање рече:
-Во изминатиот период Општина Битола ги спроведе сите активности кои што се однесуваат на услогласување на потребната документација и сите процеси поврзани со тоа да се добие овој простор, наменет за ресурсниот центар. На мое задоволство, ова е добар показател како може сите месни заедници да бидат ставени во функција на граѓаните.
Пратеникот Александар Кирацовски и генерален секретар на СДСМ при отворањето на ресурсниот центар рече дека се надева со овој пример Битола ќе биде пример за сите останати општини во Република Македонија и за целокупното општество, за тоа како и на кој начин треба да се обезбедат неопходните услови за нормален живот на лицата со попречености додаде:
-Грижата за лицата со попреченост воопшто е еден од првите императиви на Владата на Република Македонија, на МТСП, на парламентарното мнозинство, а како што гледате, и на локалната самоуправа. Ние во духот на концептот едно општество за сите решивме да го иницираме овој проект со цел да обезбедиме еднакви можности за развој и за живот на сите наши сограѓани. Свесни дека и статусот, но и грижата за овие наши сограѓани во минатото значи зборувам за лицата со оштетен вид, како и севкупно на лицата со попреченост во изминатите години беше на многу ниско ниво, затоа решивме комплетно да се посветиме на решавањето на проблеми на овие драги наши сограѓани и да ги обезбедиме сите неопходни услови за тие да имаат нормален живот како и сите наши сограѓани.
Регионалниот ресурсен центар ќе биде во функција на сите слепи и слабовидни лица од регионот, а претседателот на Здружението за слепи лица Битола, Стево Костадиновски не го криеше задоволството од новиот простор за нив и рече:
-Три години молевме и тропавме на врати, еве најдовме на разбирање кај новата локална самоуправа, аплициравме и го добивме проектот од УНДП, зградата се реновираше, внатре имаме лап топи со говорна програма, има сензорен екран каде што се става книга и оној кој што е слабовиден ќе можат да читаат. Внатре има шах за слепи, домино за слепи,книги за слепи итн.
Според евиденцијата на Здружението за слепи лица во Битола ги има над 200, од кои четири се мали деца и тие ќе можат да се дружат и да го поминуваат слободното време во овој центар, а во него ќе можат да членуваат и други лица со инвалидитет, па заеднички просторот ќе им служи при реализација на нивните цели.
[ngg src=”galleries” ids=”234″ display=”basic_thumbnail”]






