По повод денот на битолската адвокатура 16. декември, битолските адвокати во хотелот “Епинал“ одржаа свечена седница на Адвокатската заедница на Битола, на која присуствуваа голем број на адвокати од Битола и делегација на збратимената адвокатска комора од Крагуевац, Србија.
Присутните ги поздрави претседателот на битолската адвокатска заедница, Никола Главинче, кој рече дека битолските адвокати ја продолжуваат адвокатската традиција во Битола, но и дека и овој состав на адвокати кои сега работат во Битола, се доста квалитетни и дека некој друг во иднина по 30-40 години ќе зборува за нив.
Главинче ги поздрави нови членови на адвокатската заедница во Битола, а на останатите им порача да одвојат дел од нивното слободно време и да работат на подобрување на општеството.
-Оваа година имаме 9 нови адвокати во Битола, а ниту еден адвокат не замина во пензија, па затоа е зголем бројот на адвокати во Битола. Посакувам, а се надевам дека и останатите колеги да имаме се поголем број членови и да работиме на зголемување на квалитетот на работењето и угледот на адвокатите во градот, рече Главинче.
Потпретседалот на адвокатската заедница на Битола, Иван Рутевски, ги поздрави новите членови, а им го честита јубилејот на адвокатите кои оваа година прославуваат јубилејни години од работењето како адвокати.
Во име на адвокатите кои прославуваа јубилеј се обрати адвокатот, Драган Пажиќ, кој оваа година прослави 25 години адвокатска работа.
Инаку, три децениска работа оваа година одбележуваат адвокатите Здравко Бошевски и Мирјана Тодоровска, а 25 години работи Стив Ангелевски, Сузана Зацевска, Ангелина Јошевска, Благој Манаковски, Трифко Неделковски, Драги Пажиќ и Андријана Петровска-Здравковска.
Дваесет години во адвокатурата се битолските адвокати Владимир Гиковски, Гоце Димевски, Љупчо Димовски и Никола Пажиќ, а нови адвокати се Елена Глигуровска, Зорица Здравевска, Марија Димитровска, Гордана Радивчева, Наташа Стојчевска, Марија Тодоровска, Ана Караманди, Билјана Ѓорѓиевска и Михајло Илиевски.
На присутните им се обрати и адвокатот Звонко Марковиќ, престедател на АК на Крагуевац, кој ја предводеше делегацијата во состав Борис Рибаровски од Крагуевац, Милован Мики Стојановиќ од Јагодина и Милија Симиќ од Чуприја. Марковиќ им го честита денот на адвокатурата на своите битолски адвокати и ги покани на нивниот празник, во петок, да бидат гости во Крагуевац.
Сега адвокатската заедница на Битола брои 156 адвокати, а е формирана во 1976 година во салата на Основниот суд во Битола од страна на Сотир Главинче (претседател), Илија Кочовски (секретар), Гоце Милошевски (благајник), Александар Ѓузелков, Петар Ефтимовски, Петро Чаламани, Михаил Георгиев, Целе Ангеловски, Наум Чомовски и Радојица Неќак, што е прво правно организирање на адвокатите од Битола.
По свечената седница адвокатите од Битола ја одржаа и традиционалната адвокатска забава во Градската кафеана на хотел “Епинал“.
С.Р.






