Press "Enter" to skip to content

Епопеја за Јане – Пиринскиот цар за вечност (5)

Јане немал широко образование и поради сиромаштијата одвај завршил прогимназија. Овој факт претходно го споменавме, со неговиот младешки ангажман како кондураџиски чирак, а подоцна како адвокатски писар кај неговиот вујко. Сепак, по природа бил надарен со ум, снаодливост и впечатливост. Во револуционерната борба, правилно ги проценувал случувањата и донесувал правилни одлуки. Кај некои од старите војводи имало одбивен однос кон учителите и интелигенцијата, но Сандански се опкружил со интелектуалци кои ги согледале негоите дарби за водач. Меѓу нив биле- Чудомир Кантарџиев, Александар Бујанов, Стојо Хаџиев, Таската Серски и Димо Хаџи Димов, а имал блиски конткти и со Никола Харлаков иако не бил негов четник. Тој не бил основоположник на главните политички линии на македонското револуционерно и ослободително  движење. Тоа  биле  Гоце Делчев и Ѓорче Петров, поставувајќи ги основните принципи на македонската борба- зачувување на внатрешниот карактер на борбата за самостојност и државна особеност на Македонија. Но, штом се приклучил на гоцевите идеи, станал најдоследен и најфанатичен споделувач на таа внатрешна идеологија. Заради неколебливост и бескомпромисност, го викале Арнаутин. Таквото негово држење, како што запишал Христо Констатинов, “го направило достоен наследник на Гоце“. Нападите врз неговиот интегритет од типот дека е убиец, садист, измамник, турски шпион, социјалист и интернационалист, не го поколебале и неговата волја за прогонување на шпиони, странски агенти и проповедници против внатрешната идеологија не се скршила. Дефакто, иако поголемиот дел од неговите соработници биле под влијание на социјализмот, тој останал доследен национален револуционер.

11. Ставовите на Јане

Ставовите на Сандански, многу јасно се определени од историчарот Христо Силјанов, кој исто бил учесник во македонското револуционерно движење.  Ете и еден цитат од него за Јане – “Сите што агитираат било во Македонија, било надвор од неа за ослободување со Бугарија, треба непријателски да бидат пречекани од ВМОРО, како што се пресретнуваат од Организацијата српските и грчките агенти“. Според Силјанов, Јане објаснувал дека треба да се работи за пробудување на сознанијата кај масите дека се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и дека треба да се борат за извојување на своја слобода, без потпирање на туѓа помош, зашто тие кои би дошле, ќе дојдат за да поробат. Затоа, италијанскиот новинар и публицист Родолфо Фоа во весникот ,,L`Italia all Estro“ го цитирал Јане ,, Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседите“. Од друга страна, д-р Карло Блинд застапувајќи ги бугарските интереси за решавање на македонското прашање, во лондонскиот весник ,,Пал мал газете“  во 1905 година ги критикувал ставовите на Сандански. Ќе рече дека Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно Внатрешната организација и дека Сандански се претставува како единствен Македонец кој си поставил цел Македонија да биде независна држава, која единствено би можела да влезе во состав на балканска федерација ако се создадат услови за тоа. (Блинд таквата можна федерација ја нарекол ,, сомнителна творба“, а четири децении подоцна Ѓорги Димитров и Јосип Броз со Бледската спогодба се обиделе да ја реализираат, но веројатно Сталин  заради коминтерновски есапи, му пресудил на Димитров при неговиот престој во Москва, со сомнежи дека бугарскиот комунистички водач  бил отруен м.з.).

Оособено важно, а малку се знае дека Јане Сандански имал многу јасни погледи за употребата на јазикот во идната македонска држава. Според Блинд, идејата на Јане за независна Македонија била неоправдана оти таму имало повеќе народи. Меѓутоа, Македонскиот комитет требало  да се обидува до создаде јазик единствен за сите. Впрочем, било истакнато дека учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик, како јазик за целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел за основа на тој нов ,, експеранто“ и требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик (Блинд). Ова укажува дека Јане имал свој став за политичката, националната, културната и духовната посебност на Македонија.

12. Како се коррдинирале Бугарите

За координација на бугарската политика во однос на македонското прашање во 1904 година, при нивното Министерство за надворешни работи било формирано  Второто политичко одделение со задача исклучиво да се занимава со македонските работи. Оваа институција врз основа на сознанија добиени од разузнавачки канали и други извори,изготвувала извештаи, анализи и предлози за потребите на бугарската политика. На 25 март 1906 година е подготвен опширен извештај на 34 страници во машинопис. Во анализата е дадена оценка за ВМОРО и револуционерното движење, со препорака на методи и средства како да се парира. Авторите сметале дека за триумф на бугарската идеа дека била потребна поддршка за интернационалноста на Организацијата оти Сандански и неговите приврзаници не само што не се чуствувале за Бугари, туку и така проповедале.

13. Митот и потенцијалите на Јане

Наспроти митот за “Пиринскиот цар“, се поставува  прашање за реалниот воен потенцијал на Јане Сандански и од каде го озбедувал оружјето. Тој не располагал со војска во класична смисла. Негова основа била четата, а околу неа поширока мрежа на селски и легални организациски канали. Во Серскиот округ била изградена густа организација преку која можело брзо да се мобилизираат луѓе, курири, засолништа, храна и оружје. За Илинденското востание Јане отишол во Бугарија од каде обезбедил воен материјал и луѓе и се вратил со 50 вооружени лица со манлихерки и берданки. Значи, негова сила била мобилна герилска формација, а не големи воени единици.

После дискрепанците со врховистите околу оружјето, во 1901 година аферата “Мис Стоун“ го менува концептот за хроничниот недостиг на оружје. Со 14. 500 османлиски лири тоа дало силен финански импулс за набака на оружје, главно манлихерки и берданки, револвери, бомби и други експлозивни средства. Набавката одела преку купување од муслимански оружари во тетово, бидејќи биле поефтини од софиските канали. Неговата вистинска моќ била комбинацијата- оружје, планински терен, локална мрежа, дисциплина, разузнавачко шпионски ресурси со курири и најнад с`е, поддршка од населението. Затоа, ,, Пиринскиот цар“ можел во Серско да се спротистави на османлиските војски и на врховистите. Попросто речено, реалното значење за ,,пиринскиот цар“ е дека не владеел со Пирин, туку имал извонредно локална организациска и герилска моќ во еден тежок планински простор. Се разбира, мора да се има предвид дека Дупница била клучна. Таму не само што се префрало и се криело оружјето, туку таа била важна база за македонското револуционерно движење во Бугарија. Впрочем, Јане таму израснал. 

Но, кој го контролирал оружјето? Софија преку Внатрешниот македонски комитет ( Сарафов со Гарванов, па Цончев) или Внатрешната организација? Од таму започнал сериозниот конфликт на Сандански со генералот Цончев, уште пред ,, Мис Стоун“ во 1900 година кога Врховниот комитет испратил 500 долги и 75 кратки пушки манлихерки (“Спомени на Јане“ м.з.), Јане да ги скрие во Дупница. Подоцна Сандански не сакал да ги врати на Врховниот комитет, бидејќи сметал дека треба да останат кај  Вантрешната оргазанизација, за која веќе се определил по средбите со Гоце и Ѓорче. Откако го вратил оружјето по повеќе притисоци , меѓу нив потоа с`е се одвивало во отворен конфликт, па потоа се родила заложничката драма со американската протестантска мисионерка, па  загинал Гоце, па дошол Илинден, кој наспроти Делчев, Петров и Сандански, преку одлуките на Солунскиот и Смилевскиот конгрес, Сарафов и Гарванов го протуркале востанието со сите последици на народот  и безброј контроверзи. Финално, правдата на централистите против врховистичкиот двоец- Сарафов- Гарванов стасала во 1907 година со атентатот во Софија што го извршил Тодор Паница, а го организирал Јане Сандански. Од тогаш, исклучен од Организацијата, осуден на смрт, на црна листа и кај официјална Софија, ќе доживее уште неколку релевантни историски моментуми со Хуриетот и Балканските војни, што воени што политички, за на крај, во организација и по наредба на Тодор Александров ( со благослов на царскиот двор) кој веќе целосно  ја презел Организацијата, бил ликвидиран во 1915 година. Се разбира, митот за ,, Пиринскиот цар“ не згаснал, напротив се ширел и растел со сведоштва, биографии, книги, песни и преданија, т.е. најмногу во народната меморија глорифицирајќи го неговото величие за вечност.

14. Епопејата,  со манастирска аура е достојна за вечноста

Роженскиот манастир е можеби најсоодветно место за разбирање на Јане Сандански, зашто тука се вкрстуваат средновековната духовна историја на Пиринска Македонија, револуционерната дејност на Јане и денешните национални толкувања на неговото наследство. Манастирот се наоѓа близу селото Рожен и на околу 6 километри од историскиот град Мелник. Тој е еден од најзначајните сочувани манастирски комплекси сочувани во регионот. Сместен во подпиринските предели на 650 метри надморска висина, над долината на Струма. Тука се наоѓа храмот ,“Рождество на Пресвета Богородица“ кој се слави на 8 септември. Сместен е на ридеста висорамнина од која се отвора поглед кон мелничките песочни пирамиди и планинскиот предел. Манастирот потекнува од почетокот на 13. век, а обновуван е во 16. и 18. век. Не е значаен само поради верскиот живот, но и поради тоа што бил духовно средиште во 19. век за мелничкиот крај. Јане бил погребан на 26 април 1915 година, четири дена по убиството и во присуство на над 3.000 блиски, соборци и почитувачи. Сепак, Јане не бил погребан во самиот манастир, туку во дворот на црквата ,,Свети Кирил и Методиј“ на околу 200 метри подолу. Црквата била изградена 1914 година по негова иницијатива и ктиторство. Зошто таму? Рожен бил негово последно прибежиште, а црквата негово сопствено дело. Со тоа, погребот добил не само верска, туку и лична симболика. На надгробната плоча е испишана мислата што стана негово духовно наследство- ,,ДА ЖИВЕЕШ ЗНАЧИ ДА СЕ БОРИШ. РОБОТ – ЗА СЛОБОДА, А СЛОБОДНИОТ- ЗА СОВРШЕНСТВО“. 

Како се создала легндата?! Јане не бил само војвода, тој бил и политички активен со сопствена концепција за ослободување на Македонија, со жестоки судири со други револуционери. Првиот слој е легендата на соборците и народот, а песните и усните преданија за неговите подвизи го претвориле во симбол на отпорот.  Вториот слој е националното и политичкото чествување во нашата национална меморија. Третиот слој е натпреварот околу историското наследство со различни интерпретации. Најважно за нас, во македонската меморија е борец за слободна Македонија. Роженските чествувања не само оддавање почит на еден од најголемите војводи, туку и борба за значењето на неговото наследство.  Впрочем, тоа и беше поентата за нашето вложување во оваа епопеја,  кон зрната на вистината што бликаат во нашето простумење и кон правостоината против македоноцидот, каков и да е- бугарски, грчки, белосветски…

(Крај)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.) 

More from ВестиMore posts in Вести »