Занаетчиите од Битола по 37. пат ја продолжија традицијата да го слават својот заштитник Свети Спиридон, во ресторанот “Император“, а се беше во организација на здружението на занаетчии “Св. Спиридон“ и Регионалната занаетчиска комора.
По црквените обичаи кои во име на сите занаетчии ги направи стариот кум, сите занаетчии се собраа на посна трпеза, која ја благослови Владиката Петар, а претходно сите ја вкусија и пченицата подготвена за нивната слава.
Кум, кој ја организира прослава на занаетчиите беше Јован Станковиќ, сопственик на пекарата “Церера“ од Битола.
-Голем број на занаети во Битола се изумрени. Ако порано во Занаетчиската комора биле регистрирани над 1.600 занаетчии денес нивната бројка е помалку од 500, рекоа од Регионалната занаетчиска комора, а нагласија дека од година на година се менува структурата на занаетите, сега нови занаети се водат под име перални за коли, средување на нокти, стилисти и слично, а додека бројот на старите занаети се намалува под налетот на модерната технологија која тие не можат да ја следат.
Тие додаваат дека и во иднина преку бројни активности ќе настојуваат да го зголемат интересот за занаетчиството кај младите, а со тоа Битола да го сочува обележјето кое го има Старата чаршија.






