Press "Enter" to skip to content

Банско комплетен ски-центар за уживање, но и пример за оние кои се во овој бизнис (фотогалерија)

Зимскиот распуст и неколкуте продолжени викенди во декември и јануари стотици битолчани ги поминаа во зимскиот центар “Банско“ во соседна Бугарија, а од таму се вратија со импресии, кои дел и ние ви ги пренесуваме.Во Банско, зимава, најрекламираниот во Македонија и во Битола, зимски центар каде по пристојни цени може да са помине викенд, продолжен викенд или седум дневен зимски центар, во илјадниците гости можат да се најдат страствени скијачи, планинари, алпинисти, рекреативци, почетници и оние кои сака малку одмор во спа-центарите, топлите базени, сауни, турски бањи…Еден од оние битолчани кои во Банско беа за скијање и уживање во долгите ски-патеки е Душко Костовски, кој веќе во последните години таму беше по петти пат. За неговите импресии од како тој вели “Македонско Банско“ бидејки таму е “Цела Македонија“ вели:-Во однос на цена-услови нема споредба со нашите т. н. зимски центри затоа за тоа нема да зборувам. Ќе ви кажам дека за скијачите снег има и отповеќе, бидејќи цело време работи и системот за вештачки снег, покрај природниот кој е 1 метар и повеќе на планината и скијачките патеки, а 75 сантимерти во градот. Во Банско, иако ви реков дека е “цела Македонија“ има гости од цела Европа. Градот во топ-форма, организирано ги дочекува и испраќа сите што решиле овде да остават поголем дел од својот буџет. Додека ние се натегаме кој е газда на која планина во Македонија, Банско и останатите центри во соседството ќе ни ги собираат и гостите, а богами и парите, што на крајот на приказната е и основната цел на сите туристички центри во светот и кај нас, и додава:-Не сакам ова мое гледање – размислување да биде дека го фалам Банско, туку да ги искритикувам нашите ски-центри, бидејки нема ниту еден ваков комплетен ски-центар кај нас, но јас останувам оптимист дека идната години или некоја друга, сите кои бевме дел од успешната зимска приказна во Банско, ќе бидеме дел од некоја наша, македонска приказна. Само ќе додадам дека во Банско, по скијањето бевме и на одлично изведена опера, што беше посебно доживување за сите туристи, а тоа само значи дека се мисли на се, односно како секој гостин да се најде во таа приказна.Димче Поповски со семејството во Банско беше за време на зимскиот распуст, а тука редовно ги поминува зиските одмори.-Сите во семејството сме љубители на скијањето и редовно престојуваме во Банско. Ски-патеките нудат вистинско уживање, тие се одлично подготвени и се достапни 24 часа. Скијањето тука за нас е во преден план, но тука и преостанатото време квалитетно го поминуваме. Спа-центрите се одлични, а за амбиенталните “механи“ не би кажал ништо повеќе, освен дека се идеални места за дружење, со оглед на тоа што и тие имаат организирана програма. Со еден збор, Банско, функционира како европски ски-центар, кој за наша среќа е релативно близу и можеме да “тркнеме“ и за викенд. Ова треба да биде пример за сите во Македонија кои се одлучиле за овој бизнис и за оние кои во иднина ќе се занимаваат со зимски-туризам.Наша сограѓанка која, како вели не е голем љубител на сликањето, но тоа како го поминала зимскиот одмор, во за неа совршено место кое овозможува забава, одмор и рекреација за сите генерации, и одмор за очите гледајќи ги ноќе прекрасно празнично украсените објекти вели:-Во Банско скијањето е достапно и за професионалните скијачи, но и за оние кои тука ги имаат своите почетоци, затоа што ски-патеките го овозможуваат тоа. Дури и оној кој се чувствува несигурно на скии, тука може да научи да ужива во скијањето. Градбите на околните објекти, хотели, куќи, ресторани имаат автентичност која создава посебна топлина. Новогодишно украсените објекти без некаква натрупаност, но комплетно организирани во ист стил и ред, создаваат посебен амбиент исполнет со уникатност,карактеристична за едно планинско место кое дава целосно смирувачки и релаксирачки одмор. Тоа што му треба на секој од нас.-Во моментот, во Банско, како што забележав, гостуваат голем број Македонци, Срби, гости од Црна Гора, Турција, Израел и многу други земји. Цените се прифатливи за македонскиот стандард. И најважно, Банско е пример за вистинска искористеност на можностите кои ги нуди природата, во функција на туристичка промоција и економски развој. Пример,кој посебно за битолчани треба да биде насока, затоа што можноста е на чекор од нас,но нејзиното искористување зависи од секој поединец, но и од сите релевантни субјекти заедно…

More from БитолаMore posts in Битола »