Жителите на најгорните куќи на Смилевски баир под манастирот “Кркардаш“ покрај новата канализациска мрежа добија и нови скали, а по тие скали за неколку дена илјадници битолчани ќе се искачат до таму за го одбележат верски празник “Св. 40 Маченици“.
Канализацијата и скалите ги изработија екипи на КЈП „Нискоградба“, по налог на Општина Битола, во вредност од околу 300.000 денари.
Во овој дел од населбата Баир, на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“, направени се канализациони приклучоци во должина од 45 метри, поставена е и нова шахта со атмосферска решетка, во која ќе се собираат атмосферските води, кои досега се излеваа на ѕидовите од околните куќи и им предизвикуваа големи проблеми на локалните жители. Направени се и нови 7 приклучоци на индивидуални куќи, во однос на фекалната и атмосферската канализација и поставен е потпорен ѕид во должина од 5,5 метри со висина од 1,40 метри.
Поради непристапниот терен за работа со машини, се работеше рачно на ископ и поставување на цевките, од страна на вработените во КЈП „Нискоградба“.






