Како и секоја година така и оваа година, на први април, традиционално од кај саат кулата до Офицерски, па и паркот се најшарените места во Битола, и секако највесели места, каде се слуша детскиот џагот и смеа.
Паркот кај саат кулата беше зборно место, а оттаму по мало задржување, нашите најмали сограѓани, маскирани во разни ликови, дефилираа со своите учителки по Широк Сокак, следени од битолчани кои на пладне беа таму.
Големиот број на маскирани, радосни дечиња, формираа еден непреглден првоаприлски маскембал, на кој можеа да се видат принцези, вештерки, ликови од цртани филмови, ликови од играни филмови, доктори, ангели, самовили, попови, војници, пеперутки, кувари, полицајци…
Ги имаше од сите основни училишта од градот, а кога ќе ги запрашавме од каде сте одговараа кратко, за да не им избега колоната, “од Тодор, “од Кирил“, “од Стив“, “од Коле“… А, со нив беа и нивните другарчиња од училиштата за јазици и други установи.
Ова првоаприлско дефиле ги собра на едно место сите дечиња, на еден маскембал, кој би го посакал секој битолченец да биде постојан декор на Широк Сокак.
За оние кои не беа денес околу пладне, преку фотогалерија им прикажуваме само мал дел од стотиците маскирани наши сограѓанчиња, уживајте во априлилили дефилето на најмладите по Широк Сокак.
Ж. Ристевска






