“Влез саде парови“ е мотото на ретро-журката посветена на некогашната дискотека “Орфеј“, која се планира да се одржи на 28 јуни во “Порта џез“, а организатори се Ѕунѕо, Брус Ли и неколкумина вљубеници во култната битолска дискотека од осумдесеттите години.
Диското “Орфеј“ на битолчани од постарите генерации им беше место за излегување во 80 години и порано. Диско музиката беше “ин“ во тој период, но покрај диско се слушаше рок и југословенска музика. Тоа место имаше некој посебен шмек, се наоѓаше во подрумот зад поранешните дуќани на “Путник“ и “Лотарија на Македонија“.
Припадници на постарите генерации се сеќаваат дека уште со влегувањето низ црната железната врата, паѓаа мајтапи од битолските “фаци “ популарни во тоа време. Светла во разни бои од карактеристична светлечка, блескава диско-топка, диско ритам и музика, мода, фризури за тоа време.
Дел од битолските познати фаци и шмекери, без да се навредат останатите, кои излегуваа и са забавуваа таму се и Ѕунѕо – Сашо Спасевски и Брус Ли – Драги Лажиjовски кои на кафе-муабет во “Порта Џез“ потсетувајќи се на својата младост, дојдоа на идеја за организирање на една ретро-журка “Орфеј“ со мото “Влез саде парови“, слоган кој беше карактеристичен за тоа време на врата, при влегување во диското “Орфеј“.
-Диското “Орфеј“ ги имаше своите најубави денови во 80 години, кое се затвори 1989 година, а од тогаш има скоро 40 години. Тогаш да излегуваш во диското “Орфеј“ беше закон, “фаца“ си во градот и таму многу од нас се забавуваа, вљубуваа, си “фаќаа“ женска или добиваа “корпа“. На врата имаше постојано исто главно машко друштво кое “меркаше“ кој влегува особено женските и тука имаше “битолски мајтапи“. Тука обично излегуваа генерациите 59, 60, 61… кои беа главни. Диско модата беше ин. Во тој период се разбира главни во диското беа и оние кои пуштаа музика ди-џеите. Познати од тој период Ратко, Ице, Славе Келешовски. Низ еден разговор со другари потсетувајќи се на младоста дојдовме на идеја да се собереме повторно на една ретро-журка, да ги поканиме и ди-џеите кои пуштаа музика зад пултот. Кога стапивме во контакт со Ди Џеј Славе Келешовски кој сега живее во САД, се воодушеви од муабетот и кажа дека ќе дојде подготвен со диско музика карактеристична за тоа време. И така тргна организацијата на овој настан ни кажа Ѕунѕо – Сашо Спасевски познат шмекер од тој период.
Драги Лажиjовски, познат како Брус Ли, заради големата сличност со јунакот исто така беше карактеристичен и познат лик во Битола во тое време. Сите го познаваа Брус Ли, а битолчани кои се сеќаваат на времето тогаш. можат да се потсетат дека ако сите те знаат кој си, тогаш значи си популарен. Тој е исто еден од главните организатори за овој ретро настан. Тој ни објасни:
-Од идеја на кафе-муабет, еве веќе се подготвуваме за ретро журката за која веќе има голем интерес меѓу битолчани кои излегуваа во диското „Орфеј“ во 80 тите години. Направивме и група на ФБ каде се договараме и со луѓе кои живеат во странство и планираат да дојдат. Тука се разменуваат идеи за тоа што би можело да го збогати овој настан. Ретро-журката се планира да биде на 28 јуни, во кафулето “Порта џез“, кое одговара и по амбиент и луѓето кои тука доаѓаат на кафе, се дел од генерациите кои беа главните „друштва“ во диското “Орфеј“. Тогаш беше време на големи “друштва“ кои се договараа и излегуваа во диското. Се знаеше кој на кое друштвом припаѓа и каде стои или „се паркира“ во диското. Некои од нив се уште се дружат и по толку поминати години. Еден период бидејќи имаше голем дел на машка популација кои влегуваа во „Орфеј“, бидејќи во тоа време женските не излегуваа до касно и секоја вечер. Заради тоа на врата имаше луѓе кои пропуштаа само парови,и слоганот – “саде парови“. Така ни дојде и идејата за главното мото на журката “Влез саде за парови“ за да не врати “скроз“ исто како тогаш. Но, не е само тоа, планираме да направиме реконструкција на тој период и амбиентот за таа вечер 28 јуни. Тоа да биде вистинска асоцијација на тој период. Светлечка диско-топка, грамафони, плочи, музика од тој период, дрес код… Заитересираноста е голема и се бараат влезници веќе уште овие денови. Влезниците ќе имаат симболична цена од 50 денари и тие се ограничени. Влезницата која ќе биде печатена во ретро-стил, ќе им остане како сеќавање на тие што ќе дојдат. Се надеваме дека со оваа журка ќе ги потсетиме многу генерациии на нивната младост. Секако голем дел од нив ќе се сретнат по повеќе години, ќе се соберат истите „друштва“, ќе се присетат на дружењето, мајтапите. Можеби некој и ќе ја сретне својата симпатија од младоста. Една журка која сте ќе не врати во време на младоста. Се надеваме настанот да прерасни во традиција.
“Bitola news“ медиумски ќе го покрива настанот, а деновиве ќе се прави и промотивна фото-сесија, внатре во некогашното диско “Орфеј“. На своите “работни места“ ќе ги фотографираме сите од тоа време, почнувајќи од тие што беа “на врата“, дел од ди-џеите, а секако се добредојдени и сите битолчани кои знаат каде „стоеја“ во диското или “каде се паркираа“ жаргонски. За тоа дополнително од Брус Ли и Ѕунзо ќе бидат информирани.
Жанета Ристевска






