Press "Enter" to skip to content

Втора прес-конференција на фестивалот “Браќа Манаки“

Американскиот кинематографер Ед Лакман е добитник на награда „Златна камера 300“ за животно дело на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе стартува порано, од 14 до 21 септември.

Денес се одржа втората  прес конференција кон 40 Издание на Фестивалот “Браќа Манаки“ на која директорката на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, истакна дека подготовките за јубилејното издание се интензивни.

-И додека сите заедно со Иванов и со Благоја Куновски работевме напорно на оваа издание, паралелно работевме и на други наши соработки, веќе ве известивме дека фестивалот ја доби големата награда на „Имаго“ за особени заложби во областа на филмската уметност. Минатата недела во Данскиот филмски институт претставивме македонски играни филмови од помладата генерација наши режисери и затоа мислам дека овој фестивал прераснува во партнер на европските и светските фестивали, што беше и нашата мисија – фестивалот да не биде само прикажување на филмови, туку да биде оска на поврзување на нашите филмски автори со европските и светските филмски автори – рече Теодосиевска. -Едвард (Ед) Лакман веќе подолго време бил еден од кандидатите за наградата за животно дело и нов член во клубот на великаните на „Браќа Манаки“, рече Благоја Куновски-Доре. Тој додаде дека името на Лакман е на самиот врв не само на американскиот, туку и на светскиот филм и е вистинско задоволство што тој ја прифати поканата да дојде на фестивалот. На прес-конференцијата се обрати и директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илиевска, која извести дека годинава особено внимание Центарот ќе посвети на Фестивалот, со оглед на јубилејното издание. Таа кажа дека не ги добиле бараните средства за посовремена техничка опрема од Министерството за култура, но дека добиле нов агрегат и Центарот ќе одговори на високите критериуми на фестивалот.

Теодосиевска информира дека годинава терминот на фестивалот е поместен порано поради совпаѓањето со фестивалот во Сан Себастијан и можноста повеќе филмски критичари и новинари, особено од регионот, да го проследат „Браќа Манаки“.

Игор Иванов-Изи, информираше дека и оваа година ДФРМ ќе ја додели наградата “Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
More from КултураMore posts in Култура »