Писателката понекогаш ја завршува книгата со мал танц. Пред тој момент, меѓутоа, се случуваат посветена работа, преиспитување на ликовите, но и на сопствените ставови. Токму за тој помалку видлив дел од книжевното создавање зборуваше Румена Бужаровска на средбата во Книжевниот клуб УТОПИЈА во Битола, одржана на 19 ноември. Разговорот го водеше Јасмина Атанасова, која раководи со Книжевниот клуб УТОПИЈА.
Под насловот „Сите познаваме некој од нејзините приказни“, вечерта отвори прашања за хуморот како општествена критика, за женските ликови и нивните несовршености, за мизогинијата, јазикот и одговорноста при пишувањето за вистински луѓе. Спонтана, непосредна и отворена, Бужаровска зборуваше за својот творечки процес и за потребата приказната да ја има во главата уште пред да започне да пишува. Мирот и посветеноста се важен дел од таа работа, во која создавањето туѓи карактери често води и кон лично соочување. Преку постапките на ликовите, авторот може да ги открие сопствените предрасуди и стереотипи, особено во поглед на општествените односи и однесувањето на другите луѓе.
Посебно внимание привлече разговорот за „Cine Delfi“, новиот роман на Бужаровска, објавен во издание на Издавачки центар ТРИ. Авторката сподели дека книгата е инспирирана од вистинска приказна што ѝ се случила на нејзина пријателка, врз која е изградено дело со трилерски елементи. Тоа отвори и прашање за границите на авторската слобода. Внесувањето фикција ја усложнува приказната, додека одговорноста кон личноста чие искуство се раскажува останува присутна.
Во разговорот со Атанасова, значајно место доби хуморот и неговата способност да ги разоткрие општествените слабости. На ова се надоврза темата за женските ликови, прикажани со сите нивни противречности, несовршености и погрешни одлуки. Отстапувањето од идеализираната претстава за жената беше разгледано како феминистички чин, преку кој ѝ се признава правото на целосна човечка сложеност.
Преку ликот на Тони се разговараше за мизогинијата и за околностите во кои таа се одржува и нормализира. Беа отворени и прашањата за усвоените општествени обрасци, како и за начините на кои и самите жени понекогаш несвесно придонесуваат кон нивното продолжување. Јазикот беше уште една важна тема на средбата.
Бужаровска се осврна на разговорниот и неформалниот говор како суштински дел од автентичноста на книжевниот лик. Неговиот глас, начинот на изразување и нијансите во говорот бараат особено внимание при преводот, за делото да ја задржи уверливоста и во друга јазична и културна средина. Разговорот ги опфати и нејзините искуства со театарските адаптации и сценските изведби на делата. Средбата доби личен тон преку размислувањата на авторката за слободата и автентичноста, за нивната привлечност, но и за можноста тие да станат оправдување за однесување што ги преминува туѓите граници.
Бужаровска зборуваше и за тоа што ја прави среќна, како ја доживува тагата и како се справува со неа. Анегдотите за читателите внесоа дополнителна ведрина. Меѓу нив беа и средбите со луѓе уверени дека нивната животна приказна заслужува да стане нејзина следна книга, понекогаш без претходно да прочитале некое нејзино дело. Зад хуморот во тие ситуации се отвори и поширокото прашање за нашата потреба да бидеме слушнати и раскажани.
Вечерта во УТОПИЈА ѝ овозможи на битолската публика да ја запознае Бужаровска и преку одлуките и дилемите што му претходат на објавениот текст. Во разговорот што го водеше Јасмина Атанасова, книжевноста постојано се враќаше кон животот, кон начинот на кој ги гледаме другите и кон подготвеноста да го преиспитаме сопствениот поглед.
Сместена во индустриската зона на Битола, УТОПИЈА заживеа како алтернатива на вообичаените градски културни адреси. Со книжевни промоции и разговори, концерти и театарски изведби, таа постепено ја проширува културната мапа на градот и создава свое место за средби меѓу авторите, уметниците и публиката.











