Ансамблот на НТБ ќе изведе премиерна изведба на претставата “Август во округот Осејџ“ во режија на Драгана Милошевска-Попова, а главните улоги ги толкуваат актерите Елена Моше, Јулијана Мирчевска и Борис Чоревски.
Режисерката Милошевска-Попова на денешната прес-конференција истакна дека пиесата на американскиот писател Летс се подготвувала два месеца, бидејќи станува збор за богата приказна која била филмувана, а сега се поставува на театарска сцена со обид да го избегнеме влијанието на филмот.
-Втор пат соработувам со актери од битолскиот театар, работевме на секој лик во претставата за да направиме интересна приказна. Оваа претстава е посветена на едно дискфункционално семејство, семејство кое се распаѓа и за тоа какво влијание имаат општествените прилики врз семејството, рече меѓу другото Милошевска-Попова.
Претставата „Август во округот Осејџ“, како што појасни драматургот Билјана Крајчевска, е црна комедија, приказна за луѓе кои под маската на семејниот живот, делумно од страв или паника мораат да се уништат, а додаде дека оваа претстава треба секој да ја види, бидејќи станува збор за црна комедија полна со сарказам.






