Press "Enter" to skip to content

Храмот “Рождество на Пресвета Богородица” вечерва и утре ќе ги пречека верниците во нов амбиент (фотогалерија)

Свештениците во храмот “Рождество на Пресвета Богородица“ кој се наоѓа во близина на реката Драгор, ОУ “Св. Кирил и Методиј“ и Митрополијата на Преспанско-Пелагониската православна епархија, ги прават последните подготовки за дочек на верниците кои вечерва и утре ќе дојдат во чест на Пресвата Богородица, чиј празник, Успение на Пресвета Богородица, Празник на мајката на животот, се слави утре.

Црквата “Рождество на Пресвета Богородица“ е една од најпознатите цркви во Битола, а во почетокот на 21 век се започна со процес на реновирање, прво н внатрешноста, а потоа и дворот. Нејзината внатрешност е целосно живописана и преуредена со што и овој објект блесна во полн сјај.Деновиве битолчани кои редовно ја посетуваат црквата или поминуваат како намерници тука, можат да забележат дека завршија и градежните работи околу партерното уредување на дворот во црквата. Дворот целосно е поплочен со гранитни плочки, изграден е нов верски објект во дворот, зеленило, а претходно беа завршени и инфрастуктурните работи, ново осветлување, нов влез од јужната страна…Црквата “Рождество на Пресвета Богородица“ вечерва и утре ќе ги прими верниците кои ќе уживаат во надворешното уредување, но и во прекрасните насликани фрески и икони, како и во преубавиот иконостас, дело на Мијачките мајстори, кој е составен од два други иконостаси од црквите во Трново и Магарево, откако биле оштетени во Првата светска војна.Битолчани ќе ја целиваат и ќе се помолат на иконата на Пресвета Богородица, која по многу години повторно се врати во црквата, откако беше украдена пред многу години.Инаку, црквата е изградена во 1870 година, а осветена во 1876 година, а црквата е изградена со придонеси од занаетчиите, чија што желба била покрај црквата “Св. Димитрија“ и “Св. Недела“ која била тогаш надвор од градот, во центарот на градот да се има црква во која би се служело на јазик разбирлив за локалното население. Бидејќи имало обиди да се спречи изградбата, црквата на почетокот се градела како резиденцијален објект, а покасно е доградена и го добила денешниот облик.

Ж. Ристевска

More from БитолаMore posts in Битола »