Со интонирањето на државната химна, викендов, на Олимпискиот базен во Битола се одржа 8. натпревар во пливање “Император куп 2019“.
На овој традиционален Куп во пливање зедоа учество над 70 натпреварувачи од пливачките клубови низ нашава земја, домаќинот Олимпик од Битола, Југ од Битола, Челични од Штип, Орион од Скопје, Скопје од Скопје и Вардар од Скопје.
Купот се одржа во 7 категории : 2012 и помлади, 2011, 2010,2009,2008, 2006-2007 и 2004-2005. Тие беа поделени на машки и женски групи во следниве дисциплини : 50м. слободно, 50м. градно, 50м. грб, 50 м. делфин и 100 м. краул.
Организатор на натпреварот беше СПД Олимпик од Битола и тренерот Кире Марков, кој истакна:
-Имавме еден успешен натпревар кој што немаше да биде на ова високо ниво ако тука не беа спонзорите кои што го поддржаа, како и родителите на пливачите од Олимпик кои несебично се вложија во целосната организација на натпреварот.
Тој исто така додава дека ова е многу важен настан за градот Битола и битолчани и се надева дека во блиска иднина ќе добиеме и затворен базен на кој што талентираните деца ќе го развиваат својот талент, а Битола ќе има со што да се гордее.
Организаторите се надеваат на уште поголема поддршка во иднина и дека овој натпревар ќе остане во традиција, со што кај младите луѓе ќе се популаризира пливањето како спорт и ќе се подигне натпреварувачкиот дух на многу повисоко ниво.
Инаку, натпреварот го отворија најмладите натпреварувачи со пливачки помагала (даски и боци) кои први ги разбрануваа водите на Олимпискиот базен во Битола.






