Press "Enter" to skip to content

Во “Плодност“ за прв пат комплетен скрининг тест за детекција на присуство на HPV вирусот кај машката популација

Во андролошкиот кабинет во болница “Плодност”, за прв пат во нашата земја, се воведува комплетен скрининг тест за детекција на присуство на HPV вирусот и негово генотипизирање кај машката популација. Овој тест веќе се изведува во неколку универзитетски центри во Италија, САД, Русија, а со него се овозможува прецизно откривање на инфекциите со HPV кај мажите, дури и во отсуство на било какви видливи знаци.

Нашите ембриолози-андролози неодамна учествуваа на кампус работилница за машки стерилитет, која се одржа во Гент, Белгија, каде за прв пат беа презентирани најновите сознанија за значењето на HPV вирусните инфекции кај мажите и начините за нивно откривање.Инфекциите предизвикани од HPV претставуваат најчестата вирусна сексуално пренослива болест на светско ниво. Се проценува дека над 90% од секусуално активните лица барем еднаш во животот ќе се инфицираат со овој вирус. Пренесувањето најчесто се случува преку директен контакт на кожата или слузокожата со инфицирана лезија во тек на сексуален однос (најчесто пенетративен), но опишани се и случаи на пренесување при сексуални односи без пенетрација. Употребата на кондом за време на секусалниот однос, го намалува ризикот од инфицирање со HPV, но не обезбедува 100% заштита. Пренесувањето преку долен веш, облека, крпи, иако помалку веројатен, сепак е можен начин на пренесување на вирусот.

Досега се сметаше дека мажите служат само како резервоар на вирусот, кој го пренесуваат на партнерката, но најновите сознанија кои примарно доаѓаат од опсежните студии на д-р Гарола и неговиот тим од Универзитетот во Падова, Италија, покажуваат дека HPV вирусните инфекции можат да бидат и причина за неплодност кај мажите.HPV вирусот може да се прикачи на сперматозоидите и на тој начин да предизвика намалување на нивната подвижност (астенозооспермија). Во семената течност, покрај прикачен на сперматозоидите, може да биде присутен и во ексфолираните (ислуштени) епителни клетки и да доведе до појава на антиспермални антитела. Присуството на HPV кај мажот, значително го продолжува времето до спонатано забременување кај паровите, а може да биде причина и за повторувачки абортуси, бидејќи вирусот бил изолиран од ембрионални клетки кај инфицирани парови со повторувачки абортуси. HPV вирусната инфекција ја намалува и стапката на успешност на интраутерините инсеминации и ИВФ постапките.

На светско ниво, една третина од карциномите на пенис и околу 85% од аналните карциноми се последица на HPV вирусни инфекции. HPV кај мажите може да доведе и до појава на орофарингеални и ларингеални карциноми.Најголем дел од HPV инфекциите кај мажите се асимптоматски и минливи, т.е. вирусот е присутен, додека било какви знаци и симптоми не се забележуваат. Ваквите инфекции се нарекуваат субклинички или латентни инфекции, при што вирусот може да се пренесува помеѓу партнерите и да предизвикува здравствени проблеми. Гениталните брадавици (кондиломи) се исто така причинети од HPV (најчесто нисокризични генотипови 6 и 11). Времето за појава на генитални брадавици од моментот на инфицирање изнесува од 2-8 месеци.

За разлика од жените, кај мажите преваленцата на HPV вирусните инфекции останува иста во текот на целиот живот. Постојат бројни фактори кои го зголемуваат ризикот за инфицирање со овој вирус, и тоа: присуство на вирусот кај партнерката, рано започнување со сексуални односи, повеќе сексуални партнерки, ризично однесување, некористење или неправилно користење на кондом, пушење, компромитиран имунолошки систем. Присуството на други сексуално преносливи инфекции (хламидија, генитален херпес) исто така го зголемува ризикот за инфицирање со HPV вирусот, преку предивикување на воспаление и оштетување на епителот на гениталниот тракт. Во нашиот андролошки кабинет се врши и скрининг за сите сексуално преносливи инфекции, кои сами по себе можат да бидат причина за машки стерилитет.Мора да се напомене дека имунолошкиот систем кај мажите, во просек за 6 месеци самостојно и комплетно се справува со HPV инфекциите, но во одредени случаи вирусот може да се задржи многу подолго. Имунитет создаден на ваков начин не е долготраен и не спречува повторно инфицирање. Поради тоа, во многу земји се размислува за воведување на вакцинацијата против HPV кај мажите, следејќи го успешниот пример на неколку земји во светот (Австралија, Канада, Австрија). Д-р Гарола и неговиот тим, покажаа голем успех и со терапевтска вакцинација на веќе инфицираните мажи, дури и со генотипови кои не ги опфаќа вакцината, бидејќи на тој начин значително се намалува времето потребно за отстранување на вирусот од телото.

Следејќи ги препораките на еминентни експерти од полето на машката неплодност и андрологијата, кои беа презентирани во Гент, Белгија, во нашата болница се спроведува задолжителен скрининг на мажите кога кај партнерката ќе се потврди присуство на HPV инфекција, скрининг на мажите од паровите со стерилитет со идиопатска (непозната) етиологија или машки фактор (намалена подвижност и антиспермални антитела, зголемена ДНК фрагментација на сперматозоидите) како и скрининг пред започнување со ИВФ постапка. Скринингот се изведува и кај лица со ризично сексуално однесување или присутни надворешни промени. Скринингот е неинвазивен и не носи ризик по здравјето на мажот. За точно и прецизно одредување на вирусот, неопходно е пациентот да не уринира минимум 2 часа пред скринингот.

More from БитолаMore posts in Битола »