Press "Enter" to skip to content

Доделени се наградите Мала, Бронзена, Сребрена и Златна Камера 300 на 40. “Браќа Манаки“ (фотогалерија)

На свеченото затворање на јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беа доделени традиционалните награди, по одлука на жирито во состав: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ.-Видовме како 40 години умееме да танцуваме со светлината, да ги допираме ѕвездите, да им говориме на облаците и да уживаме во она што како зрак ќе го фати објективот. Така поминаа и овие фестивалски денови, во овој дух во којшто покажавме дека никогаш не можете да говорите за одумирање ако ја имате во предвид моќта на здивот на животот, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која посака да следат уште многу успешни изданија на фестивалот во кои ќе всадиме нешто ново во иднината.-Го славевме јубилејот на овој исклучително автентичен високо професионален и најстар фестивал во светот кој ја негува, ја почитува и ја вреднува креацијата на кинематограферите кои раскажуваат успешни приказни, гледавме многу добри филмови, но и со добра камера, а од друга страна тешко беше да се избере победникот. На крајот моравме да избереме, рече Ненад Дукиќ кој се обрати од името на жирито.Златна камера 300 доби кинематограферка Хелен Луварт за филмот “Невидливиот живот на Евридика Гузмао“. Наградата во име на Хелен Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин долгогодишен пријател и колега.-Се разбира, јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен и сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста, рече Готје.Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“, кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“. Наградата „Мала камера 300“ ја доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен Господ“.-Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам, рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки“.-Публиката му се поклони на уште еден филмски маг во оваа 40 јубилејна година на фестивалот „Браќа Манаки“, Јоргос Арванитис. Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. На Арванитис му беше доделена награда за животно дело „Златна камера 300“-Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал кој ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде, бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав, рече Арванитис, кој се заблагодари уште еднаш на поканата и на укажаната чест.Наградата на Арванитис му ја врачи директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, која се заблагодари на целиот тим на фестивалот за поддршката, љубовта и страста за филмската уметност, кој работеше сите овие денови за останатите овој фестивал да го почувствуваат за своја.

-Јас се обидов колку што можам да бидам битолчанка, не е лесно, но еве ќе се обидеме и понатаму да го чуваме духот на Битола, на урбана Битола која го сака филмот и го сака овој фестивал. Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, рече Теодосиевска.На свеченото затворање на фестивалот беше прикажан филмот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски. Вечерва на сцената се качија членовите на екипата, Роберт Јанкулоски, Мето Јовановски, Моника Мотеска.-Ова е за нас кинематограферите свето место. Овој филм е резултат на моето истражување на филмското творештво на браќата Манаки, го работевме 6 години, притоа водејќи се од максимата на Манаки „една слика за мене, една за историјата“. Сите ние кои создаваме некакви дела сме одговорни пред историјата и треба да го правиме тоа најдобро што можеме за да ја оправдаме оваа максима, рече Јанкулоски.

More from КултураMore posts in Култура »