Press "Enter" to skip to content

Волонтер од “Сумнал“, за македонското доживување како професор по шпански јазик

Давид Перез Гарсија е психопедагог, дошол случајно, сака да стане комплетен професор по докторирањето, сака да патува, изненаден е од големиот број на луѓе кои дојдоа на првиот час заинтересирани да учат шпански јазик во библиотеката, не очекувал да види вакви неверојатни работи во Македонија.

Како прво, би сакал да започнам со причината поради која го избрав ова волонтирање. По десет години учејќи, две дипломи, три мастери и докторат, одлучив да застанам и да прожиевам едно ново искуство во друга земја, да ја запознаам нејзината култура, храната и местата. По толку години учејќи ми требаше едно исклучување, една промена, да излезам од зоната на комфорт во која се наоѓав и да побарам нови искуства, да добијам нови знаења, како и да споделам. Мислам дека ова волонтирање е одлична прилика за тоа.

Како второ, изборот на дестинацијата беше малку случајност. Една пријателка беше во Тунис како волонтерка и кога разговаравме за нејзиното ускуство, не се сомневав да стапам во контакт со истата организација. Од сите проекти кои ми ги презентираа, најмногу ми се допадна овој во Македонија.

Многу сакам да патувам, да запознавам нови градови, култури и личности, тоа е една од моите две пасии: да патувам и предавам. Од различни причини сум немал можност да го запознаам Балканот иако многу ме интересираше поради неговата социокултурна ситуација и природните убавини и поради тоа кога ми се даде приликата да дојдам во еден град како Битола, не се посомневав да ја изберам оваа земја како дестинација.

Мислам дека знаењето е една од најубавите работи што можат да и се дадат на една личност, бидејќи преку знаењата кои ги прима и интеракцијата со околината се оформуваат нејзините/неговите мислења, идеали, достигнувања и ставови. Кога се запознав со проектот преку една шпанска организација, уште од првиот момент ми се виде како многу интересен бидејќи е поврзан со моjата струка како психопедагог. Да се работи со етнитети во ризик на социјална исклученост, е нешто што го сметам за основа за да се произведе подобрување во општеството во глобала. Поради самиот факт на припаѓање на одредена социјална групa, обично има помалку можности за личен и професионален развој. Жалосно е што и денес живееме во свет во кој луѓето се вреднуваат или судат според бојата на кожата, нивните уверувања или религијата. Запознавањето од прва рака со начинот на размислување, како живеат и тешкотиите низ кои поминуваат Ромите во овој град и во оваа држава, беше тоа што ме мотивираше да го реализирам ова волонтирање. Веќе многу време имав желба да помогнам на оваа заедница и нема подобар начин од тоа да отидам да волонтирам во земја каде бројката на оваа заедница е многу голема.

Како трето, сакам да напоменам дека за трите недели што сум овде чуствувам дека сум сакан и прифатен од луѓето од моето опкружување, соседите, персоналот од организацијата и новите луѓе кои ги запознавам. Односот на луѓето, љубезноста и гостопримливоста на луѓето овде прават оваа земја да биде една од земјите во кои се чуствувам најдобро. Уште од првиот момент кога пристигнав, се чуствував како дома и покрај бариерата што би ја претставувал еден јазик толку различен од мојот. Веќе повеќе пати имало заинтересирани ко сакаат да знаат повеќе за мене, но поради јазикот не беше лесно да се воспостави комуникација. Иако, во овој контекст, би сакал да напоменам дека ме изненади бројката на луѓе што течно зборуваат англиски и имаат познавања од шпанскиот, поради што навистина секогаш можам добро да комуницирам низ дневната рутина. Предизвикот на учење друг јазик со азбука толку различна од онаа на која сум навикнат, е уште еден позитивен аспект за вреднување на ова искуство бидејќи секогаш сметам дека учењето на нов јазик е многу голема награда. Исто така, откако ќе го завршам волонтирањето, очекувам да комуницирам на македонски, барем на основно ниво.

Како четврто, сакам да споделам дека во овој проект ќе работиме со луѓе од две различни возрасти: деца и возрасни. Во однос на активностите со децата, очекувам да ги применам моето знаење и искуство како наставник организирајќи активности за личен развој, морални вредности и социјални вештини кај учениците мотивирајќи да одржуваат амбиент на работа и почит според вредностите на организацијата. Од личен аспект, овој проект ќе ми помогне да го подобрам моето ниво на англиски и да научам малку македонски за време на мојот престој. Прв пат се соочувам со тоа да предавам на друг јазик освен мојот мајчин јазик. Ова ќе ми помогне да си ги подобрам вештините како наставник, запознавајќи и вреднувајќи нови ресурси во наставата. Исто така, ќе научам како да им предавам на деца од предшколска возраст изнаоѓајќи решенија за секојдневните проблеми што ќе се појават на часовите. Сето ова ќе ми овозможи да добијам покомплетен профил на наставник бидејќи во оваа професија е важно константно да се наградуваме.

Што се однесува на часовите по шпански кои ќе ги држам, би сакал да споделам дека ме изненади големиот број на луѓе кои дојдоа на првиот час заинтересирани да учат шпански. Беа околу педесет. Деновиве од кога сум во Битола, можев да го забележам големиот интерес на Македонците за изучување на овој јазик и лесноста со која се обидуваат да комуницираат. Откако ги направивме тестовите за одредување на нивото, ќе формираме две групи: една за основно ниво и една за напредно ниво, што ќе ни дозволи да работиме подлабоко и на поспецифичен начин со секој од учениците. Држењето на овие часови ми нуди одлична можност да го подобрам моето изразување и комуницирање во јавност, да научам да ги подготвувам и држам часовите по шпански и да можам да пренесам знаење за едно толку богато општество со култура и традиции како шпанското. Овој аспект многу ме задоволува бидејќи сметам дека е добра прилика за информирање во врска со мојата родена земја.

Како петто и последно, градовите и пејзажите што ги запознав за овие три недели што сум во Македонија се неверојатни. Морам да признаам дека оваа земја многу позитивно ме изненади. Кога пристигнав на 16-ти август, можам да кажам дека не очекував да видам вакви неверојатни работи. Првиот контакт со оваа земја беше мојата посета на главниот град Скопје. Веднаш штом пристигнав од Барселона, можев да го посетам за време на вакендот. Вниманието ми го привлече новиот дел со  империјалните згради бидејќи има голем контраст со останатиот дел од градот. Сепак морам да посочам дека мојот омилен дел е Старата Чаршија, а  големиот број на дуќани и тезги што ги има во таа област од градот го полнат со магија. Боите и мирисот што ја опкружуваат и даваат многу посебна атмосфера. Но, без сомнение, денес мојата омилена зона во Македонија е Охридското Езеро. Истоимениот град Охрид кој се наоѓа на бреговите на езерото, поседува неверојатни катчиња со многу различни активности, а културната и гастрономска понуда е прекрасна. Двете работи што најмногу ми се допаднаа за време на мојот престој беа патувањето со брод по целиот брег што го направивме, капејќи се во кристално чисти води и уживајќи во неверојатни погледи заедно со зајдисонцето што го набљудувавме од височинката на црквата „Свети Јован“ – Канео. Воглавно можам да истакнам без сомнение дека Македонија е одличен скапоцен камен за откривање како на туристичко, така и на човечко ниво.

Mission News Theme by Compete Themes.