Кога ја избрав Македонија за да работам како волонтер со деца Роми, не знаев што можам да направам за нив и како можам да им помогнам. Во принцип, не знаев многу за нивната култура, земјата, а не го познавав ни јазикот. Поради овие проблеми, имав многу сомнежи за доаѓањето тука. Како и да е, сакав да доживеам нови искуства и да научам за друга земја за која никогаш не сум прочитал, да научам за нејзината култура и да се обидам да комуницирам со различни луѓе. Мислев дека ова искуство може да биде убав начин да се запознае Балканот, оваа непозната Европа за мене. Ги заборавив сите сомнежи, го спремив ранецот и се качив авионот за Скопје една недела по донесувањето на оваа одлука.
Во првиот момент, кога авионот слета и видов дека сè е напишано на кирилица, повторно ми се појавија сомнежи. Не беше само различниот јазик, имаше и друга препрека – друга азбука. Сепак, бев во Македонија и не можев да се вратам.
По неколку часови во Македонија, ги запознав Владимир и Марија. Тие беа толку љубезни уште од самиот почеток, што веќе немав сомнежи. Деновите што следеа беа уште подобри и сега во Македонија се чувствувам како дома.
Работа со деца
Во текот на првата недела ги планиравме активностите што требаше да ги правиме со децата и, правејќи ја оваа програма, сфатив дека може да ми помогне многу во иднина да продолжам со една од моите страсти, извидниците, како и да го применам знаењето што низ годините го стекнав со нив.
Сепак, јазичниот проблем се врати. Како да објасните игра, активност или да предавате без заеднички јазик? Овие беа главните проблеми со кои треба да се соочам. Надминувањето на ова нема да биде лесно, исто како учењето македонски јазик. Три месеци не се доволни за да се запознаете целосно со состојбата на една земја и нејзините жители, затоа што Македонија има толку голема културна разновидност. Овој проект претставува можност за започннување на учење непто ново. Тоа е можност да се започне да се разбере ситуацијата во Европа како мултикултурен ентитет каде религиите, етникумите и јазиците се здружуваат и можат да станат интегрирани.
Како и во Шпанија, ромското население сè уште страда многу, а земјите немаат активни политики за решавање на неговите проблеми. Општо, не е познато како да се справите со проблемите со предрасудите и дискриминацијата на кои се подложени, ниту пак постојат ефикасни програми за интеграција и населението не се охрабрува да пристапи кон својата култура. Работата со нив беше една од главните причини да се дојде овде. Ромското население во Шпанија е прилично големо, како и во Македонија, а програмите за нивна помош се скоро непостоечки. Фактот да се работи директно со нив, да се запознае нивната култура, нивните обичаи, нивниот начин на живот и да може малку да им помогнеме, беше главната причина да дојдам овде. Да ги запознаам и да ја знаам нивната состојба, дури и ако е малку поразлична од онаа во мојата земја, е единствениот начин да им помогнам, да ги надминам предрасудите и да бидам во можност да започнам да работам со нив поактивно во иднина.
Работа со возрасни
Во овој проект, друга работа што треба да ја направиме е да им држиме часови по шпански на возрасните. Кога пристигнав, се изненадив што толку многу луѓе во Македонија зборуваа шпански толку течно и дури и ако не го зборуваа, добро го разбираа. Сепак, не мислев дека часовите по шпански биле толку популарни. Кога го објавивме настанот, во првите денови се регистрираа повеќе од педесет лица. Со оглед на мојот страв од јавно говорење, изненадувањето беше малку горчливо, затоа што никогаш не сум држел часови на возрасни.
После првиот час, видов дека нивоата се многу различни. Некои зборуваат, но не пишуваат, други не разбираат ништо, некои разбираат, но не зборуваат и има некои што ме изненадија со високото ниво на нивниот шпански. Да се работи со толку многу луѓе со толку различни нивоа ќе биде комплицирано.
Да се работи со возрасни имајќи само дваесет и две години, може да биде тешко. Подготовката на часовите, прилагодувањето на нивното нивото и обидот да ги научеме да зборуваат течно, ќе биде одлично лично искуство. Учењето да зборувате во јавност и да пренесувате знаење се многу важни вештини во науката. Ова, заедно со научените вештини за работа со деца, е многу корисно за приближување на науката до децата и нивната заинтересираност да ја проучуваат.
Патувајќи низ Македонија
Во овие први недели, сè уште откривам работи за Битола. Не е многу голем град, но неговиот рурален шарм, како и неговите луѓе, го прави пријатно место каде што можам да се чувствувам како дома. Покрај тоа, неговата главна улица, Широк Сок, која е неверојатно жива, го прави одењето на кафе со вашите пријатели многу пријатно искуство.
Првото патување што го направив во Македонија беше до градот Охрид, природно чудо за кој не остануваат зборови да кажам колку е фантастичен заедно со неговото езеро. Рајските плажи со кристално чиста вода, огромната количина на природа, атмосферата на градот во лето и нејзината гастрономија, го направија патувањето едно неверојатно искуство. Охрид е природен скапоцен камен, град кој никогаш не би ме заморил од гледање.
Се на се, овие први недели во Македонија беа неверојатни. Патувањето, првите контакти со деца и возрасни, откривањето на Битола, Македонија и планирањето на идните патувања, за мене претставува големо искуство во културно збогатување за Балканот и неговиот народ.






