Ротари Клуб Битола Широк Сокак презема иницијатива и одговорност за намалување на загадувањето на воздухот со реализација на проектот “Да засадиме иднина“, беше денес објавено на прес-конференција која по тој повод се одржа во хотел “Милениум“.
-Станува збор за веќе најавена акција за пошумување кај месноста “Бел Камен“ кај село Ротино. Загадувањето со кое Битола се соочува, зголемениот број на заболени лица од тешки болести, иселувањето на младите кои не ја гледаат својата иднина во загадена животна средина се причината заради која членовите на клубот ќе го реализираат ова пошумување. Имаме одреден влажен бран на крајот на месецот и се надеваме дека ќе успееме да го запазиме рокот, и да имаме успешна акција, рече Миле Спировски, претседател на Ротари клуб Широк Сокак Битола, кој додаде:
-Во однос за шумскиот фонд, знаеме дека е потребен за огревно дрво, но во изминатите 10 години, имаше пожари кои буквално го десеткуваа овој капацитет. Ќе имаме професионална поддршка, сите оние кои ќе дојдат да засадуваат дрва ќе имаат можност најпрво да бидат обучени, се со цел дрвцата кои ќе бидат засадени успешноста да биде со висок коефициент, а акцијата ќе се спроведе со стручна и професионална поддршка на вработените од ЈП Национални Шуми во периодот од 1 до 15 ноемврии, кога ќе се засадат повеќе 100.000 садници со што ќе се обидеме да ги обновиме белите дробови на градот Битола.
ЈП Национални шуми ги обезбеди садниците, а какви ќе бидат зависи од подрачјето кое ќе се пошумува.
-Имаме тип на садници во конкретната површина, ќе се пошумува со повеќе типови садници, целта ни е да засадиме мешовити шуми кои понатаму ќе бидат поотпорни на можноста од опожарување, изјави Маре Басова од ЈП Национални шуми, која за важноста на акцијата додаде:
-Едно дрво годишно произведува околу 145 килограми кислород, што е доволно за двајца возрасни луѓе, а тоа покажува колкава е моќта на дрвото и природата. Заради ова треба да настојуваме да се зголемува бројот на пошумени зелени површини, како што е случајот со Битола каде неколку пати имаше катастрофални пожари. Сакаме да го вратиме зелениот појас околу Битола и кај РЕК “Битола“, каде ќе засадуваме кај село Маково, каде исто така беше опожарено.
Во име на Ротари Клуб Битола Широк Сокак, Елизабета Кочева-Јосифовска, рече дека покрај донациите од членовите на клубот, очекуваат и донации од компании и поединци и најави дека во акцијата ќе бидат вклучени и јавни личности, спортисти и актери, кои со личен ангажман ќе дадат позитивен пример, а на денот на акцијата ќе има организиран превоз за сите оние кои сакаат да се вклучат.






