Она што се наговестуваше неколку месеци се случи, Зоран Штерјовски е новиот тренер на фудбалскиот клуб Пелистер, по разрешувањето на сега веќе екс-тренерот Дарко Крстески, по одлуката на Управата на клубот која е донесена по поразот на Пелистер на гостувањето во Форино.
-Конечно она што беше како најава се оствари ја преземам тренерската функција во Пелистер, кој го преземам на прво место во Втората фубдалска лига-запад, каде што и му е местото. Мораме да направиме напори на тоа лидерско место на табелата и да останеме до крајот на оваа полусезона, па во преодниот рок да анализираме, да видиме каде ни фалат играчи и да се засилиме. Со новите засилувања ќе треба да го кренеме квалитетот на тимот и нивото на игра, рече Зоран Штерјовски по преземањето на тимот, на првиот тренинг попладнево под Тумбекафе.
Зоран Штерјовски за свои помошници ги назначи Димитар Капинковки и Даниел Стојановски.
На првиот тренинг на Зоран Штерјовски присутни беа и дел од Управата на клубот, кој во врска со смената на тренерот рекоа кратко дека незадоволствот кон стариот тренер не е генерално во резултатите туку во однос на квалитетот на играта која ја прикажувал Пелистер, а посебно е забелешката поради слабите резултати на двете последни гостувања на кои од шест бодови е освоен само еден.
Зоран Штерјовски досега бил тренер на Пелистер, Силекс, Брегалница и Миравци, а првиот натпревар на клупата на Пелистер ќе го има во среда против Работнички во Купот, а во првенството в сабота против екипата на Скопје под Тумбекафе.






