Вчера се возеше последната велосипедска трка за оваа сезона,“Трофеј Преспа“ во техника организација на Велосипедкста федерација и ВК “15 Мај“, а со поддршка на градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски и ВК “Преспа бајк“.
Патеката беше долга околу 120 километри, стартот беше во Ресен, потоа се возеше до Царев Двор, Макзи, Ресен, Маркова Нога и назад до Ресен каде беше и целта. На трката возеа 60 велосипедисти од сите клубови од државата, а резултатите се бодуваа за севкупниот пласман.
Велосипедскиот клуб “15 Мај“ од Битола настаои во комплетен состав, но освоија само три медали. Цвета Даева победи во категорија жени, Златко Гецовски беше второпласиран во категорија мастерс, а Христијан Атанасовски го освои третото место во најмладата категорија У-13.
За оваа последна трка, тренерот Африм Јусуфи рече:
-Ова беше последна трка од оваа сезона, а по долгата сезона која ја возевме по многу жешко време цело лето се почуствува замор кај нашите велосипедисти, но јас сум задоволен од резултатите. Сега по завршувањето на сезоната можам уште да додадам дека планираното целосно го исполнавме бидејќи сме прваци во младите кагегории У-13 и У-15 во генерален пласман. Токму овие резултати нам ни беа и цел, најмладите да бидат водечка екипа во државата. Повозрасните беа на победничкиот пиедистал на секоја трка, а тоа не можеме да не го споменеме и да им честитаме на успесите.
ВК “15 Мај“ беше иницијатор за организирање на трката во Ресен, кој се организира по прв пат, а за организацијата Јусуфи вели:
-Ова трка со должина од 120 километри за прв пат се организира во Ресен, а вози на брегот на Преспанското Езеро. Иницијативата беше наша, но добивме голема поддршка од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, кој беше со нас цело време во текот на подготовките на трката.
Градоначалникот Гошаревски кој ги додели медалите на најдобрите рече дека оваа трка ќе биде традиционална и побара од федерацијата да биде во календарот и за наредната сезона и понатаму, е општината Ресен е заинтересирана за други велосипедски манифестации во иднина.






