Press "Enter" to skip to content

153 потрошувачи се јавиле за помош во Организацијата на потрошувачи на Битола

Организацијата на потрошувачите-Битола продолжува со планираните активности според програмата која ја има донесено на почетокот на годината. За преземените активности кои ги спроведува битолската организација на потрошувачите, претседател Снежана Димитровска вели:

-Владата на почетокот на 2019 година ја донесе Програмата за заштита на потрошувачите за периодот од 2019 до 2020 година, со која се утврдуваат  мерките за информирање на потрошувачите, нивно советување и едукација, а со крајна цел унапредување и заштита на правата на потрошувачите. Владината програма за заштита на потрошувачите е изготвена согласно Програмата за заштита на потрошувачите на Европската Унија за периодот од 2014 до 2020 година, односно во сооднос со приоритетите утврдени со оваа програма во однос на заштитата на потрошувачите на европско ниво. Програмата за заштита на потрошувачите за периодот од 2019 до 2020 година ја спроведува Министерството за економија. Организацијата на потрошувачите на Битола дел од активностите предвидени со програмата ги спроведува со поддршка од

Министерството за економија. Потрошувачите кои се обраќаат до советодавното биро во Битола се едуцираат за своите права и можностите за разрешување на кршењето на истите, се упатуваат до соодветни надлежни институции, како и во нивно име ОПБ се обраќа до надлежните институции, како посредник за разрешување на проблемите со кои се соочуваат.

-Од јануари до септември 2019 година, во советодавното биро се обратиле 153 потрошувачи, од кои 50 за јавните услуги и проблемите при добивањето на јавните услуги, ист број на порошувачи се јавиле за информации поврзани со производи од бела техника, технички апарати, производи за во домот, за лична употреба и детски играчки, другите потрошувачи се јавиле да се информираат по однос на храна, занаетчиски услуги, како и за многу други теми, па дури и за нивните права за време на попусти и распродажби кои ги организираат трговците. Потрошувачите најчесто телефонски се информираат за своите права, но голем дел од потрошувачите лично во просториите на ОПБ се обратиле за информации поврзани со своите права, вели Димитровска

За наредниот период е планирано ОПБ да изготви брошура за основните права на потрошувачите, која во краток рок ќе биде испечатена и објавена на веб старната.

 ОПБ, покрај своето советодавно биро, има веб страна која потрошувачите може да ја користат за добивање на информации за заштита на нивните права, како и на Facebook страна на која се објавуваат статии од интерес за потрошувачите.

Организацијата на потрошувачите на Битола, ги повикува сите потрошувачи да ги следат активносите на веб страната www.opbitola.org.mk, како и https://www.facebook.com/pg/PotrosuvaciBitola, како и преку нив може да се обратат за добивање на повеќе инфомации за своите права.

More from БитолаMore posts in Битола »