Press "Enter" to skip to content

УКЛО се вклучи во одбележување на Светскиот ден на науката со промотивен настан (фотогалерија)

Kомисијата за наука и меѓународна соработка  на УКЛО одржа свечена седница во Ректоратот и се вклучи во одбележувањето на Светскиoт ден на науката. Покрај раководството на Универзитетот на промотивниот настан присуствуваа и академски кадри од УКЛО и претставници на Македонско научно друштво-Битола.Проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски потсетувајќи дека науката е меѓу најважните елементи за развојот на секое општество, упати порака дека науката не смее да биде на маргините на општеството. Тој вели дека мора да се сфати дека иновациите се поврзани со научни истражувања, многу малку има иновации кои имат Еурека ефект. Правилата на иновациите и на економијата базирана на знаење е дека основата ја имаат во науката. Тоа значи дека науката не смее да се третира како јавна потрошувачка, тоа е капитална инвестиција. Според проректорот Неделковски, за да се развива економија базирана на знаење мора да има и научен кадар, научен подмладок што пак претставува уште поголем проблем.-Едно наше истражување, статистика, говори дека имаме само  10 посто асистенти, а потребен е научен подмладок, мора да се одобруват средства за да биде науката меѓународна, бидејќи нема локална науука. Мора да има средства за конференции, патувања и други трошоци кои не треба да се кратат, зашто треба конечно да сфатиме дека инвестирањето во наука, а со тоа е поврзано и високото образование и воопшто образованието, се капитална инвестиција и ако имате добар кадар и добри истражувачи ќе имате инвеститори кои ќе сакаат да отворат свои фабрики, рече Неделковски.Настанот беше повод на УКЛО да се афирмира научниот и меѓународно признат труд на академски кадри од Универзитетот  остварен во непосредниот период. Презентирани се научните постигнувања на:  професор Ангелина Станојовска, добитник на високото признание доделено на XIX Светски Конгрес за криминологија (INTERCRIM 2019) што се одржа во Доха,  како и  бројните активности на професор Јасмина Буневска Талевска, Абасадор на Унгарската идеја за промоција на културата во сообраќајот и културата во безбедноста во сообраќајот за Република Северна Македонија, учесник во проекти на полето на безбедноста во сообраќајот и урбаната мобилност.Во духот на одбележувањето на Светскиот ден на науката, проф. д-р Методија Атанасовски, проектен раководител во Програмата Хопризонти 20/20 го презентираше  проектот Тринити посветен на развивање на соработката помеѓу преносните систем оператори за интегрирањето на пазарите на електрична енергија во регионот со зголеменото учество на чистите енергии.Според професорот Атанасовски, вклучувањето во проектот на академскиот кадар, млади истражувачи и студент на втор циклус ќе придонесе за дисеминација на теоријата, алгоритмите и тестирањето на софтверските решенија преку публикација на трудови во списанија, трудови на конференции, организирање на работилници на национално, регионално ниво, како и пред релевантни Европски институции. TRINITY е одлична можност за нашиот Универзитет за зголемување на истражувачкото портфолио, вклучување на академски кадар и млади истражувачи во state of the art проблемите во електроенергетските системи, практична соработка со преносните систем оператори и производители на електрична енергија од обновливи извори. Проектот ќе овозможи умрежување и соработка на Универзитетот со други истражувачки институции и консултантски куќи од Европа.Проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски истакнува дека УКЛО има намера овој настан  да го одбележува континуиратно, во рамки на поглема манифестација што  ќе ги ефектуира пеерманентните и целокупни достигнувања  на академските кадри од УКЛО кои меѓу две одбележувања на настанот постигнале високи награди и значајни научни достигнувања и  вредни меѓународни признанија, со што УКЛО недвосмислено и соодветно ќе ја промовира и афирмира науката и научните достигнувања.

Претседателот на МНД, д-р Марјан Танушевски честитајќи го Светскиот ден на науката ја потврди потребата за  отворена наука, наука отворена кон научните работници, институции, организации и друштва. Тој смета дека отворената наука никогаш и никому не треба да го сврти грбот, напротив отворената наука ги придвижива и сите други чинители од заедницата кон напредок и развој.Начинот на кој УКЛО го одбележува Светскиот ден на науката ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски  го оцени како особено важен, зашто се промовираат и забележуваат успесите на вредните академски членови и се дава поттик за научна работа.

Настанот се одвиваше под годинашното мото: “Open Science, leaving no one behind”.

Б. Атанасоска

More from ВестиMore posts in Вести »