АД ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола му донира 10.000 евра за набавка на фотоволтаична електрана којашто ќе произведува електрична енергија за потребите на објектот на факултетот, а исто така ќе се користи и како лабараториска опрема за студентите кои студираат на електротехничкиот и машинскиот отсек.
Од оваа година факултетот ќе почне и со обуки за оператори на фотоволтаични електрани со што повеќе ќе се придонесува во производството на еко-енергија.
Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски изјави дека донацијата е продолжување на поддршката на оваа значајна високообразовна институција од страна на АД ЕСМ, во која поддршка спаѓа и континуираното стипендирање на студенти од факултетот.
-Денеска доделуваме пет нови стипендии на исто толку студенти кои минатата година се запишале за првпат на Техничкиот факултет во Битола и по првиот семестар ги оствариле резултатите предвидени во јавниот оглас на компанијата. Секој од студентите ќе добие по 60.000 денари од Државните електрани и додаде:
-Освен тоа, ќе ги продолжиме договорите со осуммина стипендисти на ЕСМ, со што вкупниот број на студенти корисници на стипендии од ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола ќе се искачи на 13. Тоа е се скоро 800.000 денари само за студенти на овој факултет. Вкупниот број на стипендии што годинава ги доделува ЕСМ, на сите факултети во земјава е 66, односно околу 4 милиони денари директна поддршка за академските граѓани, што наскоро се надевам ќе бидат дел од компанијата. Сметам дека ова е еден силен аргумент кој говори дека АД ЕСМ e општествено одговорна компанија која води грижа во рамките на своите можности и надлежности за развој на економските и општествените дејности, како неопходен предуслов за раст и развој на државата.
Деканот на Техничкиот факултет во Битола Стојанче Нусев рече дека стипендиите се мотив плус за студентите да го одберат овој факултет.
-Со деделување на стипендиите секако дека интересот секако дека ќе се зголеми за упоис на Техничкиот факултет. А има се повеќе компании кои нудат посебни усло, а се повеќе фирми нудат стипендии за кадри коишто студираат на нашиот факултет и се повеќе доаѓаат фирми кои што бараат инженери, рече Нусев.
И генералниот директор на РЕК “Битола“, Златко Ќурчиевски ја поддржува идејата да се стипендираат студенти, за во иднина да имаме стручната работна сила која ќе биде ценета и од големо значење за “Комбинатот“.
-РЕК “Битола“ ги има отворено вратите за сите средношколци и студенти кои што сакаат да се запознаат со производниот процес да стекнат прелиминарни знаења за истиот и при тоа да добијат желба да работат во нашиот комбинат, а сите стучњаци се добредојдени во РЕК “Битола“, рече Ќурчиевски.
Претходно Ковачевски и Ќурчиевски имаа средба со деканот на Техничкиот факултет и неговите соработници каде ги разгледаа проектите на кои соработуваат и ја договорија идната соработка.
С.Р.





