Машката екипа на Пелистер по есенскиот дел го дели второто место, а женската е на седмото место во заедничката лига, а ако се гледаат само женските резултати кугларките на Пелистер се први.
Кугларскиот клуб Пелистер се натпреварува во единствената македонска кугларска лига, во која заедно се натпреваруваат клубови од машка и женска конкуренција, поради тоа што има само два женски клуба. Машката екипа на Пелистер го дели второто место, а женската на големо изненадување на сите е на прво место кога ќе се гледаат резултатите на женските екипи.
Тренерот на екипите Игор Михајловски за тоа како помина есенскиот дел, вели:
-Три екипи се изедначени во машката лига и го делат второто место, а пред нив, а тука сме и ние се издвојува екипата на Макпетрол. На второ место сме екипите на ГТЦ, Вардар и Пелистер. Ние го победивме Вардар, Вардар го победи ГТЦ, нас не победи ГТЦ и се направи магичен круг. Според овие резултати ќе биде интересно во пролетниот дел каде ќе се решава кој ќе биде второпласиран.
Екипата на Пелистер нема право да игра во Битола во старата куглана, па затоа мора и домашните натпревари да ги игра во Скопје. Но, и тоа не е проблем овие големи кугларски ентузијасти да победуваат, а екипата на Пелистер го има и најпријатното изненадување оваа сезона, женската екипа, а оваа есен беа и на големиот светски куп.
-Во континуитет клубот излегува на европска сцена во НБЦ купот, а оваа година бевме на светски куп во Германија, како дел од најелитното натпреварување. Ќе бидеме трети најмалку оваа сезона, но силно ќе го нападнеме второто место и тоа повторно ќе ни донесе европско натпреварување, кое го заслужуваме, според она како работиме, како тренираме, и како се натпреваруваме, вели Михајловски.
Кугларскиот клуб Пелистер оваа сезона за прв пат пријави и плати котизација, како и за машката така и за женската екипа и започна да се натпреварува, како пионер, во лигата.
-Екипата е за прв пат во натпреварување, па нормално се соочивме со “детските болести“, но иако сме млада екипа по “болестите“ многу брзо заздравуваме. Тремата ја нема, дел од девојките постигнаа исклучителни резултати. За истакнување е Андреја Велјановска, која има рекорд од 504 соборени дрвца, а во цела лига има поголем просек, барем поголем од 15 сениори. Екипно ја победивме женската екипа од Скопје, единствена до оваа сезона, каде се сите искусни кугларки кои куглале на светска и европска сцена. Според тоа ние сме на прво место пред скопската екипа, вели Михајловски, а го нагласува и просекот кој е околу 480 соборени дрвца, а вели дека можат и повеќе.
Двете екипи на Пелистер во пролетниот дел ги очекуваат уште седум кола, а Управата веќе го има планот за подготовки.
-Одиме во Војводина на подготовки со женската екипа, во местото Ковачица, каде има екипа со која можеме да играме и да се надоградуваме. Тие играа заедно четири години, а ќе ни биде одличен спаринг партнер. Ќе бидеме таму, а потоа ќе дојдат и во Битола, вели Михајловски.
Проблемот со кугланата останува, а најверојно ќе ја имаат новата за новата сезона. Ќе тренираат на една подлога, ќе играат на друга, а советите на тренерот Михајловски во Битола, во Скопје на нова подлога се со друго значење. Но, тој не се предава, а како вели резултатите во Битола на лошата подлога се подобри, а тоа само кажува со каква љубов работат и како напредуваат. А ако девојките играа во Битола, сугурно ќе победеа барам две машки екипи.
С.Ристевски






