-Младите кугларки на подготовките направија и нов рекорд на клубот во екипна конкуренција, поставија и шест рекорди, најдобра со нов личен рекорд беше Андреа Вељаноска.
Младите кугларки на Пелистер ги завршија подготовките кои ги реализираа во Војводина, каде одиграа и официјални меѓународни натпревари. Тренерот на женскиот кугларски клуб, Игор Михајловски за подготовките по враќањето во Битола рече:
-Клубот официјално е дебитант во лигата и разбирливо ова се први зимски подготовки кои ги реализираме. Што се однесува до самите подготовки ќе кажам дека беа повеќе од успешни. Овие млади кугларки имаа неколку дневни подготовки во одлично услови, а тие куглаа на две куглани во Ковачица и Падина. Покрај подготовките тие одиграа и два официјални натпревари, со екипи кои се на приближно ист ранг и имаа прилика да се видат до каде се со квалитетот, во однос со нив.
За тоа како е Михајловски задоволен од резултатите кои ги постигнаа, тој е презадоволен од тоа како го претставиле клубот и како самите се претставија.
-Имавме одлични резултати на младите кугларки, што само е уште еден доказ дека одлично тренираме и работиме. На првиот натпревар беше остварен рекорд на клубот екипно и 6 поединечни рекорди, вели Михајловски и додава:
-Најдобра во нашиот тим, а воедно и на натпреварот беше Андреа Вељаноска со 540 соборени дрва, втора беше Ивана Трајчевска со 505, а домашните кугларки имаа најдобар резултат 500. Екипно екипата се доближа до 3.000 дрва, што е повеќе од одлично за младиот женски клуб од Битола, со само едногодишното искуство.
Маријана Орос, српска репрезентативка и Јован Керечки стручни тренери во проектот “Кугламе и сме среќни“ имаа средби со “нивните девојки“ на оваа мини турнеја во Војводина, а тоа е она што ги прави големите луѓе поразлични од останатите. Девојките по напорните тренинзи и натпревари ги посетија и знаменитостите на Нови Сад и Белград.
С.Ристевски






