Press "Enter" to skip to content

Операција “Кино Партизан“, волонтерите и директорот на НТБ со свои видувања

Околу чистењето на поранешното кино “Партизан“ денес со писмо се јавија волонтерите кои од 15. јули влегоа во киното и се зафатија со негово чистење, да појаснат каков бил “договорот“ со директорот на НТБ. По нивното писмо се огласи и директорот на НТВ, а двете размисли во ги пренесуваме во целост.

-Некој можда знај, некој не, ама летово во Битола почнавме една партизанска борба. Старото Кино „Партизан“, кое се наоѓа до долната гимназија, последниве 5 години беше напуштено, запуштено и опустошено. Од негрижа, невнимание, бирократија, ситни крадци, you name it. Инсталацијата за струја беше целосно откорната, вецињата лом, еден тон градежен шут, срчи, мнооооогу прашина и шо уште не (буквално шо уште не, ќе видите подолу).

На 15. јули годинава, се собравме една неформална екипа и влеговме во еден по малку сизифовски потфат, да го средиме просторот од ~600 м2, за да можеме да го користиме за културни настани, концерти, изложби, проекции и слично, а ходникот од истиот да се користи за возење скејт, бмх и ролери и помали културни настани. Секако, притоа никој од нас не би профитирал од просторот, т.е. сите пари кои евентуално би се зеле од настаните би се враќале назад во објектот или во програмата.

Разговаравме со НУ Народен театар – Битола, под чие раководство е објектот, и ним им беше ок идејата, па ни дадоја клуч, а ние се фативме за работа. После месец и пол интензивна работа, вадење на два камиони градежен шут и ѓубре од местото, дишење многу прашина, наоѓање на распаднато мртво куче под сцената, средување на довод за вода, проверка на одвод, средување и крпење на ѕидови изедени од влага и почнување со местење на некаква основна електрична инсталација за потребите на местото (сè ова на наш трошок, освен камионите од Комуналец обезбедени од Театарот), се случи еден немил настан: бевме ограбени.

Беше потсрушен ѕид од задната страна на објектот, крадци влегоа внатре, го украдија агрегатот кој го користевме за работа, два котури кабел за електрична инсталација, сите алати, буквално cè внатре, до последните штрафчиња, беше украдено.

Ова беше голем удар по нашата енергија и ентузијазам за работа, ама некако се охрабривме, ги збијвме редовите и одлучивме да продолжиме со активностите. Ја закрпивме дупката оставена од кражбата, поставивме олук за да се заштитиме од дождот поради есента која надоаѓаше и почнавме да планираме некакви активности за собирање средства за да ги покриеме загубите.

Во меѓувреме, повторно имавме средба со Театарот, на која начелно се договоривме да ја озакониме соработката со договор, некакво јавно-цивилно партнерство, со кое црно на бело би ги разграничиле обврските и одговорностите меѓу нас, па да продолжиме заеднички да го изградиме киното во некаков културен центар. После таа средба, ние почнавме да работиме на тој договор, а паралелно и да планираме настани за собирање средства, па на пролет да можеме да го направиме просторот функционален.

И сè изгледаше плус-минус ок, сè додека денес, од никаде, ни рекоа дека кај дирекцијата на Театарот не владеело расположение за давање на просторот за оваа намена, туку дека работата се движи кон тоа просторот да биде издаден. И од таму овај статус, апел, или шо и да е.

Вложивме премногу енергија, труд, време, пари и љубов за со сопствени раце да изградиме некакво културно прибежиште за младите во градот, отворено за сите и необременето од логиката на профитот, бидејќи верваме дека то е единствениот начин со кој се стига до суштинска промена и во никој случај не ни паѓа на ум лесно да се откажиме од сработеното.

Бидејќи во разговор со директорот бевме известени дека одлуката не е конечна, би сакале да ве замолиме сите вас кои сте на иста линија со нашите идеи, да споделите, да го раширите муабетот, да му пишите на фејсбук и инстаграм на НУ Народен театар – Битола и @teatarbitola зошто ваков центар е потребен, да пишите јавно под хаштагот #OperacijaKinoPartizan, да им кажите на вашите комшии, другари, колеги, дечковци, девојки, небинарни партнери и љубовници, дека во Битола една група на будали средваше простор за од него да направи културен центар и дека оние кои му го отстапија сега се предомислуваат.

Доколку навистина сè уште ја немаат одлучено судбината на Кино „Партизан“, да им, кхм-кхм, помогнеме да ја донесат правилната одлука. Фала ви многу за вниманието, Операција “Кино Партизан“.

Реакција на Иван Јерчиќ, директор на НТБ

Почитувани,

Без никаква амбиција ова да биде некаков демант на пишувањето на група граѓани во врска со мојот разговор со нивниот претставник, сакам да дообјаснам некои работи.
Поранешното кино Партизан со одлука на Влада бр.19-495/1 од 09.02.2006 година е дадено на користење на Н.У. Народен театар Битола. Според член 2 од Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории, за простор даден на користење на фондови, агенции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата и други институции основани од државата, средствата од закупнината на деловниот простор се уплаќаат на сметка на буџетот на Република Северна Македонија.

Имајќи ја во предвид финансиската состојба на Н.У. Народен театар Битола и идејата за прибирање на дополнителни средства кои ќе го олеснат работењето и продуктивноста на Н.У. Народен театар Битола на почетокот на мојот мандат, во неколку наврати се обративме до надлежните институции да ни овозможат средствата кои што би ги добиле од евентуалната закупнина да одат на сметка на Театарот. На неколку пати тоа наше барање беше одбиено. Тоа е што се однесува до плановите на Н.У. Народен театар Битола за просторот на поранешното кино Партизан и неговото евентуално издавање и наспроти шпекулациите во јавноста, постапка за издавање на просторот на поранешното кино Партизан воопшто не е отпочната.

Просторот на поранешно кино Партизан е со површина од 1186 m2 и двор од 574 m2 и е во прилично руинирана состојба. Делот на салата за кино проекции како и дворот во летниот период беа исчистени од страна на групата граѓани кои се обидуваат да го средат просторот заедно со ЈП “Комуналец“ – Битола и е пробано да се спроведе електрична енергија во самиот објект, но по кражбата која се случи есенва работите се стопирани. Морам да напоменам дека низ годините целата електрична и водоводна инсталација како и хидрантите се украдени.Во меѓувреме водевме разговори и разменувавме идеи со многу здруженија на граѓани, независни уметници, ад-хок групи… да се најде некоја варијанта во која просторот би заживеал како нов културен простор во Битола.

Со групата на граѓани, на нивно барање, остваривме средби пред скоро година дена и на нивно барање без никакви обврски им го отстапивме просторот со цел заеднички да најдеме начин тој простор да заживее како нова културна точка во Битола. Во меѓувреме ги баравме моделите на кој начин сето тоа би можело да профункционира и на најдобар можен начин да се поделат обврските помеѓу двете страни. Вистината е дека во ниеден момент не стана збор за никакво ексклузивно право за користење на просторот од страна на групата на граѓани, кои се согласија доброволно да го средат и да се обидат да го адаптираат истиот простор за нивните потреби, туку цело време бевме во потрага по модел во кој работите ќе функционираат законски, транспарентно и отчетно. Тука во тие разговори на неколкупати стана збор и за евентуално издавање на еден дел од просторот на поранешното кино Партизан во комерцијални цели со што би се овозможил некаков приход кој би помогнал за самата одржливост на објектот.

Во таа смисла ги отфрлам сите, во најмала рака, смешни шпекулации кои беа предизвикани од писанието на групата на граѓани насловено како “Операција кино Партизан” за тоа дека некој некому му ја завршил валканата работа и дека отсега натаму Н.У. Народен театар Битола ќе остварува профит. Тоа едноставно не е начинот на кој јас лично а и ние во театарот функционираме. Искрено го ценам нивниот труд и себевложување како и вложувањето на сопствени средства во една прекрасна идеја, во која ако не верував, немаше ни да дозволам до таа соработка да дојде. Независниот културен сектор бил и ќе биде помаган од наша страна, сведоштво за тоа се многуте оставрени соработки низ цела Македонија. Најлесно е да се критикува и да се обвинува некој за безидејност, манипулаторство или уште што не, гледано од страна.

Со почит,Иван Јерчиќ

More from БитолаMore posts in Битола »