Балканската фондација за одржлив развој (БФОР) во соработка со Националниот Парк Пелистер, одржа прес-конференција и презентација на резултатите од проектот “Одржливо искористување на растителните природни ресурси во Преспанскиот регион“.
-Програмата за “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Главната цел на проектот е подобрена заштита, конзервација, мониторинг и одржлива употреба на самоникнатите растителни видови која ќе се постигне преку мапирање и одредување на биопотенцијалот на растенијата, промоција на природните и традиционални вредности и подигнување на јавната свест за значењето на самоникнатите лековити, ароматични, овошни и шумски видови во Националниот парк Пелистер и дел од Преспанскиот регион, рече директорот на НП “Пелистер“, Амет Аџиу.
Во рамките на проектот беа подготвени неколку студии, промотивен и едукативен материјал, кој ги образложи Силвана Манасиевска -Симиќ – Тим лидер на проектот, која рече:
-Етноботаничка студија во која се вградени сознанијата за традиционалното собирање на
самоникнати растителни видови од страна на локалното население во рамките на Националниот Парк “Пелистер“, особено на собирачите на боровинка. Студија за мапирање, дистрибуција и биопотенцијал на самоникнати растителни видови која содржи 15 дигитални мапи на самоникнати лековити и ароматични растенија, овошни и шумски растителни видови. Дигиталните мапи беа подготвени од страна на експертскиот тим при спроведеното опсежно теренско истражување. Физибилити студија за боровинката во која се обработени повеќе аспекти за боровинката, како природни услови за раст и развој на боровината, биологија, физиологија, дистрибуција, големина на популација и продуктивност на боровинката, а воедно и социо-економската обработка на податоците добиени од теренските истражувања.
Исто така промовиран беше прирачник за одржливо собирање и мониторинг на самоникнати лековити и ароматични растенија, овошни и шумски растителни видови, за потребите на персоналот во Националниот Парк “Пелистер“ и локалното население.
На прес конференцијата ќе учествуваат претставници на научно-истражувачки институции, УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации), Министерството за животна средина и просторно планирање, НП Пелистер, дел од собирачите на самоникнати растенија од Преспанскиот регион кои учествуваа во проектот.






