Годинава Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола одбележува јубилеј 75 години настава на македонски литературен јазик. Одбележувањето на јубилејот започна на 5 февруари 2020г., во Центарот за култура, Мала сала, во 16 часот, со организирана програма на ораторскиот клуб Анима 3, под менторство на м-р проф. Даниела Петровска.
Програмата го носи насловот Женски муабети во Горната гимназија. Целта на овој прокет е да го долови современиот општествено-лингвистички дискурс на младите луѓе што денеска минуваат низ клупите не само низ нашата Гимназија, туку целосно низ државата. На креативен, луциден и сосема оригинален пристап се доловува социолектот, жаргонот, неоправданото користење на туѓите зборови во различни животни и образовни средини и ситуации. При тоа целта е преку хумор, но и сатира да се укаже и да се поучи на грешките во говорните ситуации.
Пораката на ораторскиот клуб Анима 3, за сите нас, не само за учениците, е дека јазикот е наша легитимација пред себе и пред светот. Само со почитување на ортографијата и ортоепијата ќе излеземе од сите кризи на македонскиот јазичен идентитет. Генерациите, сегашни и идни, треба да сфатат дека Македонците се граѓани на светот преку својот јазик и духовната култура што се создава преку него и со него.
М-р проф. Даниела Петровска






