Press "Enter" to skip to content

Никола Митревски, спортист на Битола за 2019: успесите и неуспесите во спортот исто како и во животот, предизвици со кои треба да се избориш

Жанета Ристевска

„Спортист на Битола за 2019 година е Никола Митревски ракометар на Еурофарм Пелистер“, следуваа овации, аплаузи и воодушевување од страна на присутната публика во амфитеатарот на ФИКТ при Изборот за спортист на Битола 2019. Никола Митревски миленик на битолската публика заслужено оваа година  го доби ова  високо признание во област на спортот. Тоа беше и поводот за разговорот низ  кој ме воодушеви со својата смиреност, и концизност во одговорите, но и мудрост.-Во спортот исто како и во животот има успеси и неуспеси, некогаш ќе бидеш на врвот, но и долу. Заради тоа и треба  да бидеш психички подготвен и на големи успеси кои исто така носат голем товар, но и на паѓања.  После неуспехот потребно е да се анализира каде биле грешките и храбро, но смирено да се  продолжи понатаму, сето ова го учев низ мојата кариера во разни клубови со различни личности тренери кои покрај  спорт ме учеа и за животот.  Неговата спортска кариера е една успешна инспиративна приказна која  одеше по нагорна линија скалило по скалило. Започна во младинските екипи на РК Пелистер, потоа Пелистер, Младост, Радовиш, Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер.  Во странските екипи  Бенфика- Португалија, Констанца -Романија. Играл за македонската репрезентација, а сега ја има и титулата најдобар голман на СЕХА лига. Високо признание  Спортист на Битола за 2019 година.Успешна спортска приказна, кажете ни како започна

-Уште од многу мала возраст рекреативно ги играв сите спортови. Како дете не се прибирав дома, што се вели за да јадам за да не пропуштам од играта. Во основно ги играв сите спортови  но најповеќе тренирав фудбал, тоа беше некаде до 10-11 година, учев во ОУ “Трифун Пановски“.  Во 6 одделение мој наставник по физичко образование и класен раководител Цане Грбевски  ме наговори и насочи во ракометот. Можеби и ми даде поттик  и негова заслуга да застанав на местото голман најпрво  во училишната екипа. Првите насоки за ракомет и посебно за оваа позиција,  ги добив од него. Најважно од се на почетокот беше да немаш страв од топката односно од ударот на топката во глава, кој понекогаш е многу силен, и не беше  сеедно да го добиеш,  но со време се навикнуваш на тоа и не ја чувствуваш болката. Тука ќе истакнам со почит кон сите. дека во мојата спортска кариера имав многу тренери од кои научив многу, односно секој  поединечно  допринесоа да се изградам  како личност и спортист. Некаде од 1997/8 година па се до 2001/2  играв  во школите за ракомет низ Битола кои беа многу силни во тој период. Најпрво во школата  на сега покојниот тренер Боро Чурлевски. Потоа кај Коле од ОУ “Климент Охридски“ а  трениравме  во  ОУ  “Елпида Караманди“. Потоа кај тренерот Зоран Јаневски од кој научив многу и тоа беше  важен момент за мене. Тој што и да објаснуваше се внесуваше до максимум, односно  тоа го правеше со душа и срце, така да на сите ни оставаше силен впечаток.Младинска екипа на РК Пелистер…

-Некаде на 18 години започнав да играм во младински клуб на РК Пелистер и тренерите Михајло  Силјанов и Николче Костовски со кои  бевме младински прваци и тоа беше последен пат на освојување на таа титула. Се надевам дека оваа година повторно ќе се врати титулата во Битола. Генерациски ја одрастив таа екипа и не можев повеќе да играм во тие клубови.  Во тој период сметав дека е добро правилно да ја насочувам кариерата  и да се искачувам скалило по скалило и  ако одам веднаш во некој голем клуб, можам да изгорам. Заради ова продожив да се изградувам како спортист најпрво една полусезона во Младост од Ресен со кои игравме во прва лига, а  потоа во Радовиш со кои игравме и во Супер лигата.РК Пелистер…

Потоа се вратив во екипата на Пелистер па се до 2005/6 година. Тука играв 2 години со играчи кои беа легенди во ракометот  и  тренерот Звонко Шундовски од кого научив како да гориш  и да се бориш на теренот. Имав 21 година.

РК Вардар…

Со  свои 21 година заминав во Вардар кој беше голем клуб и тренерот Веселин Вујовиќ. Знаеме какво ракометно име е Веселин Вујовиќ и каква личност. Чест ми беше да играм во таква екипа и секако тоа искуство драгоцено во мојата кариера. Тука останав 3 години од кои 2,5 со тренер Вујовиќ, од каде ја продолжив кариерата во Металург таа сезона 2010/11.Искуство и значењето на игра во Металург…

-Во 2010  заминувам  во РК Металург голем клуб, и предизвик за мене.  Тренер Лино Червар кој ме насочи во ова игра, и овде веќе започнува и работа на психолошкиот дел и напредување како спортист.  Почнав  да тренирам со посебен тренер за голмани  Брестовац. Секако дека се овде што ми се случуваше беше на едно повисоко ниво. Играв со најдобри играчи, во една најјака ракометна екипа, како Мојсовски, Миркуловски, Димовски и други златни играчи во овој клуб. Кога си рамо до рамо со врвни играчи од овој калибар, ги поставуваш своите потенцијали на повисоко ниво и самиот надоградуваш и  ги достигнуваш. Секако дека големи успеси кои ги постигна Металург не беа случајни  и тоа титула за  освоен Куп на Македонија и 2 пати Лига на шампиони.После големите успеси во Металург ја продолжувате  кариерата  во странски ракометни клубови Бенфика во Португалската прва лига. Потоа Констанца Романија, а тука се и настапите за македонската селекција.

-Некако логично беше да продолжам понатаму во странски клуб најпрво тоа беше Бенфика со кои освоивме 2 трофеи. Тука  се сретнав со нова култура, но и помалку стрес и притисок. За прв пат екипата имаше и спортски психолог кој ни даваше консултации за нашата психолошка подготвеност и тоа мотивација да се истрае, самоперцепирање поврзано со постигнувањето и техники на саморегулација,  како и поставување на цели и визуелизирање…. Потоа на повик на Бранко Анѓелевски кој беше спортски директор на клубот Констанца  во Романија  потпишав договор и играв во сезона 2017/18 година. Заедно со Звонко Шундовски и Бранко Анѓелевски повторно нови предизвици, но и уште една добра ракометна школа за мене.Еурофарм Пелистер и учество во СЕХА лигата и Лигата на шампиони…

-Сметам дека ова беше вистински момент да дојдам во Битола иако имав и претходно понуди. Ја искористив можност која ми ја дадоја од Еурофарм Пелистер и тренерот Стевче Алушевски. Право време да дојдам во Битола на позицијата голман во Еурофарм Пелистер. Секако моето досегашно искуство кое го градев во разни клубови за сите овие години ќе го сублимирам за да на свој терен пред моја публика и се докажам. Да  нагласам уште еднаш дека притисокот е многу поголем, чувството на одговорност кога цела сала го скандира твоето име, треба да се оправда. Се разбира сакам да им возвратам на публиката која не бодри и почитува многу. Гледам дека и публиката се врати на трибините како во старите добри времиња на ракометот во Битола што многу ме радува.Какво е чувството по 13 години кариера надвор, повторно во Битола во екипа на Еурофарм Пелистер,  миленик на публиката  и  спортист на Битола за 2019 година 

-Што да одговорам, преубаво, но чувствувам голема одговорност пред битолската публика за да го оправдам ова големо признание за мене. Многу ми значи што го добив во својот град.  Знам дека оваа публика го почитува и сака ракометот како спорт, кој во овој град има голема традиција и од тука произлегле големи имиња во ракометот. Еве конкретно на последниот натпревар таа како сочувсвуваше со нас, бидејќи победивме, но не продолжуваме понатаму. Бевме сите заедно разочарани, но повторно ќе кажам дека тоа е само еден неуспех после кој треба да продолжиме со нови сили понатаму. Кај нас често  неуспехот се сфаќа како крај на светот тоа се случи и после поразот на  европското првенство после неуспехот на репрезантацијата. Со тоа и притисокот и одговорност пред публиката е поголема. Преполната сала на претходниот натпревар можеби беше и додатен притисок. За мене голема чест но и  одговорноста кога слушаш како го скандираат твоето име. После натпреварот сакам да ги испочитувам сите оние деца  и љубители на ракометот кои сакат да се фотографираат со мене останувам колку што треба да ги испочитувам сите. Се сеќавам дека и јас пред години навивав на овие трибини и ги бодрев моите миленици ракометарите. Најдобар голман на СЕХА лигата во ракометната екипа…

-Најдобар голман на СЕХА голем а мотивација за понатаму и резултат на многу работа и подготовки како физички така и психолошпки особено на визуализација и концентрација. Позицијата голман е секако специфична, комплицирана мораш да бидеш подготвен и психички и физички. Тој што дака да оди напред треба да визуализира што ќе се случи во текот на натпревартот бидејќи сам се бориш на теренот особено кога противникот шутира пенали и е во подобра позиција чист гол, на неколку метри од големанот. Секако оваа позиција нуди и подолга ракометна кариера и после 40 година. Мојот мотив за спорт и игра се уште големи и са надевам да играм и давам, се под себе и понатаму. Среќен сум што кога започнав да тренирам ракомет мојот наставник тренер Цане Грбевски застанав на оваа позиција. Мојот мотив за спорт постои од мал, постои и ќе постои понатаму.  Подршката од семејството …

-Професионалната кариера бара многу одсуства од дома и од своите блиски. На прво место е семејството, но професионалните обврски бараат одрекувања.  Поддршката од семејството посебно на сопругите на спортистите е најважна. Нивната улога многу значајна бидејќи тие се и мајка и татко во семејството заради отсуствата.. Нивната толеранција за психолошките подготовки и мир во домот пред натпревар, после пораз. Сопругите на сите спортисти го знаат ова.  Денес со модерна технологија комуникацијата е олеснета и во секој момент можаш да бидеш во комуникација со блиските. Тоа е олеснување и при патувањата во странство. Мора да си подготвен психички за напорните патувања хотел, авион, автобус, тука е заморот, некој неочекуван пораз, делуваа демотивирачки. За пријателствата, социјалните врски…

-Спортот бара многу откажувања и во смисла на  социјалните  дружања,  во смисла на излегување до доцни часови. Секој спортист има посебен потенцијал,  физикус и до каде може да стигне. Играјќи во многу клубови, многу пријателства, многу спортски врски, многу тренери, многу соиграчи, кои еден ден ќе бидат видечки личностги во клубовите, во селекциите, во федерациите, и можност за некоја идна соработка.Идни предизвици…

-Пред нас стојат  подготовки за првенството. Потребно е да им возвратиме на публиката која не бодреше на трибините и заслужува да биде наградена со добри натпревари секако победи. Не очекуваат натпревари во Купот потоа со РК  Вардар, Металург. Потоа светско првеснтво во Египет и да обезбедеме пласман за кој сметам дека имаме изгледи.Пораки за младите…

-Сметам дека спортот е во подем и има голема заинтересираност од најмала возраст за различни спортови, Родителите, наставниците ги насочуваат младите кон спорт. Би им кажал порака дека само со упорност, самодисциплина и постввување цел ќе имаат успех во кој и да е спорт. Би упатил апел до надлежните да се градат спортски облекти и сали со добри услови, за да се поттикнува спортувањето. Така ќе имаме и се поголем број успешни спортисти.Ме воодушеви со неговите изјави за спортот, ракометот,  животот, а посебно неговото големо почитување кон неговите тренери кои во неговата кариера правилно го насочувале и го направиле успешен спортист. Со свои 34 години успешна спортска кариера, инспирација на многу млади чиј миленик е. Спортска ѕвезда и  идол на публиката која  го почитува и сака чувствувајќи ги неговиот спортски дух, позитивна енергија и харизма.

Фото: С.Ристевски

Ентериер: хотел “Еинал“

More from СпортMore posts in Спорт »